08.08.2012, 15:44 Ниту еден медал за Американците во бокс!
По само едната бронза во Пекинг, ова се први Игри на кои САД не освоија ништо во благородната вештина
Последниот американски боксер синоќа беше елиминиран на Игрите во Лондон, комплетирајќи ја понижувачката прва Олимпијада без медал за најуспешната нација во овој спорт. Ерол Спенс во четврт-финалето во велтер категорија загуби со 16:11 од Русинот Андреј Замковој, не искористувајќи ја втората шанса што му ја даде меѓународната боксерска федерација АИБА, која го промени резултатот на претходниот меч на Американецот по прегледувањето на снимката.
Поразот на Спенс се надоврза на неуспесите на неговите осуммина колеги од репрезентацијата, со што САД не успеа да ја одбрани ни скромната една бронза од Олимпијадата во Пекинг пред четири години. Тоа не е резултат што би се очекувал од нацијата што може да се пофали со освојувачи на златни олимписки медали од типот на сегашниот светски првак во средна категорија Андре Ворд, потоа сопственикот на шампионски појаси во различни категории Оскар де ла Хоја или најголемиот од сите нив Мухамед Али.
Спенс изјави дека требало да се направи повеќе и ги повика за помош поранешните американски олимпијци во овој спорт за да се поправи состојбата до следните ОИ 2016 во Бразил.
„Сметам дека ни требаат повеќе меѓународни мечеви, подобра програма. Потребно ни е да ги добиеме тренерите порано и да вратиме многу од професионалните боксери што го напуштија аматерскиот систем за да и' помогнат на аметерската програма. Тие имаат многу искуство и знаење што би можеле да ни помогнат во 2016. Мислам дека Андре Ворд има многу искуство, токму како и поранешните олимпијци како што е Андре Дирел“, изјави Спенс.
За утеха на американските фанови на благородната вештина, женскиот тим на САД има обезбедено најмалку две бронзи. |