05.08.2012, 11:07 Последен пливачки ден со два светски рекорда
На ОИ синоќа се одржаа последните четири дисциплини во пливачките натпреварувања и беа поставени два светски рекорда
На „Акватик центарот“ во Лондон синоќа се одржаа последните четири дисциплини во пливачките натпреварувања и беа поставени два светски рекорда.
На трката од 1.500 метри слободно кај мажите Кинезот Јанг Сун со време на нов светски рекорд (14:31.02) го освои златниот медал, пред Канаѓанецот Рајан Кошрејн и олимпискиот шампион од Пекинг Усама Мелули од Тунис.
Женската штафета на САД 4 х 100 метри мешано со нов светски рекорд (3:52.05) стигна до златниот медал, пред Австралија и Јапонија. Во составот на американската штафета беше и Миси Френклин, која со пет медали (4 златни и 1 бронзен) е најуспешната пливачка.
На првата позиција на пиедесталот се најде и машката штафета на САД на 4 х 100 метри мешано. Сребрениот медал го освои Јапонија, а бронзата заврши кај Австралијанците. Мајкл Фелпс беше дел од американскиот состав и го освои своето 18-то злато на Олимписките игри или 22-ри медал со што е најуспешниот спортист во историјата на Игрите. Инаку, Фелпс во Лондон е најуспешен пливач со 6 медали (4 златни и 2 сребрени).
Во најбрзата трка кај жените на 50 метри слободно триумфираше Раноми Кромовидјојо од Холандија со олимписки рекорд, пред Александра Херасименија од Белорусија и Марлен Велдхуис од Холандија.
Во пливањето САД освоија 30 медали (16 златни – 8 сребрени – 6 бронзени), пред Кина со 10 медали (5-2-3), Франција 7 (4-2-1),...
|