08.08.2012, 09:02 Реприза на Пекинг за Лиу Ксијанг
Лиу Ксијанг не ја заврши квалификациската трка на 110 метри со пречки, откако ја удри првата пречка со испружената нога и падна на патеката
Кинезот Лиу Ксијанг не ја заврши квалификациската трка на 110 метри со пречки на Олимпијадата во Лондон во драматичната реприза на неговото откажување поради повреда во истата фаза од натпреварувањето на Игрите во Пекинг пред четири години. Олимпискиот шампион од Атина 2004 и поранешен светски рекордер ја удри првата пречка со испружената нога и падна на патеката, пред да му помогнат да ја напушти додека се распаѓаше неговиот сон за враќање на титулата.
Првиот освојувач на олимписко злато за Кина во тркачките дисциплини е еден од најпопуларните спортисти во неговата земја заедно со поранешниот НБА-кошаркар Јао Минг. Проблеми на 29-годишникот се' уште му задава Ахиловата тетива, која го принуди да се откаже од натпреварот на стадионот „Птичјо гнездо“ на ОИ 2008, но тој се врати во врвна форма годинава. Извонредните 12,97 секунди во домашниот Шангај му беа прва истрчана трка под 13 секунди во последните пет години, за потоа да оствари уште подобри 12,87 сек. во Орегон, со кои ќе го израмнеше актуелниот светски рекорд на Дејрон Роблес ако не беше недозволениот ветар во грбот. Првиот знак дека демоните на повредите би можеле да се вратат беше неговото повлекување од гран-при митингот во Лондон минатиот месец како мерка на претпазливост, како што објасни тогаш неговиот тим.
Во студеното утро во Лондон армија кинески новинари на Олимпискиот стадион со нетрпение ја очекуваа шестата и последна квалификациска група, но видоа уште една незавршена трка на Лиу. Надмоќниот техничар лесно прелетуваше преку пречките во текот на трките, па поверојатно е дека некаква повреда, нервите или комбинација на двете беа причината да направи ваква голема грешка.
Најголемиот ривал на Лиу, бранителот на титулата Роблес од Куба, претходно изгледаше самоуверено откако со леснотија се пласира во полуфиналето со резултат 13,33 сек., иако го пропушти поголемиот дел од сезонава поради повреда. Американецот Ариес Мерит, кој три пати годинава истрча 12,93 сек., беше најбрз во квалификациите со 13,07 сек., што е најдобро време во првиот круг на олимпијадите. |