08.08.2012, 16:25 Пожар во близина на рафинеријата ОКТА
Во близина на рафинеријата ОКТА, во атарот на селото Дејадровци, гори сува трева и стрниште. Во моментов интервенираат екипи од БППЗ на Град Скопје, а поради близината до рафинеријата, во гаснењето се вклучени и авионите на ДЗС, информира Центрот за управување со кризи.
Се уште е активен и пожарот во месноста Биљак во атарот на село Танушевци. Поради непристапниот терен, местото е недостапно за возила на БППЗ, а заради интензитетот на пожарот општина Чучер Сандево испратиј барање за ангажирање на авионите за гаснење.
Екипа од БППЗ составена од едно возило и тројца пожарникари се преместува за интервенција на пожарот во атарот на селото Рашче каде гори шума. Во интервенцијата учествуваат и 10-тина припадници на Шумското стопанство „Караџица“, како и месното население.
Активен е и пожарот кај селото Гургурница во чие гаснење учествуваат авионите од ДЗС и педесетина луѓе од земја. Според најавите од Центарот за уоправување со кризи, се очекува до крај на денот пожарот да биде под контрола, а можеби и целосно угасен.
Пожарот кај селото Казандол е ставен под контрола. Заради контрола, на теренот се уште се екипите од ТППЕ – Валандово со едно ПП возило и четворица пожарникари, како и 10-тина вработени од Шумското стопанство „Саланџак“.
Под контрола е и пожарот кај пругата Гевгелија-Миравци. Од пожарот во должина од околу 7-10 километри покрај самата пруга изгорени се приватни овоштарници и лозови насади, а оштетени се и 110 прага од пругата. Од утрово за негово гаснење се грижат Македонски железници со нивно возило. Железничкиот сообраќај е во прекин, а патниците со автобус се пренесуваат од Миравци до Гевгелија. |