09.08.2012, 10:47 Партнерите во грчката влада не можат да се договорат за мерките за штедење
Грчкиот премиер Андонис Самарас и неговите коалициски партнери Евангелос Венизелос и Фотис Кувелис никако да постигнат договор за мерките со кои треба да се заштедат 11,5 милијарди евра во наредните две години.
Лидерите на кревката коалиција не можат да се договорат околу шемата за ставање во резерва на 15 илјади вработени во јавната администрација и тоа го забавува процесот на донесувањето неопходни реформи за да се добие позитивен извештај од „тројката“.
Сепак, и покрај несогласувањата, извори од ПАСОК и Демократската левица соопштија дека партиите „нема да направат нешто со што би се поткопала кохезијата на коалицијата“.
Самарас вчера повторно се сретна со министерот за финансии Јанис Стурнарас во обид да се изнајдат алтернативни решенија за намалување на трошоците.
Премиерот по средбата изјави дека се бараат „најефективните намалувања на трошоците кои би биле што е можно побезболни за граѓаните“.
- Бараме насекаде. Владата нема да се врати на мерки кои не успеаја во минатото, рече Самарас и го избегна новинарското прашање за јавни службеници во резерва одговарајќи дека „властите разгледуваат многу можности“.
Во меѓувреме, претставници на Европската унија ја најавија можноста економскиот извештај за Грција на ММФ, ЕК и ЕЦБ да биде објавен во октомври, а не во септември како што претходно беше договорено.
Грчкиот заменик – министер за финансии Кристос Стаикурас веднаш по објавувањето на оваа вест рече дека пакетот мерки за заштеда на 11,5 милијарди евра мора да биде готов до 14 септември за кога е закажан состанокот на министрите за финансии од еврозоната во Никозија. |