08.08.2012, 15:14 Во комбе-канцеларии ќе се аплицира за субвенции
Земјоделците ќе можат административните работи да ги завршат во мобилните канцеларии на Министерството за земјоделство
Македонските земјоделци ќе можат да аплицираат за субвенции, да поднесуваат документи за државно земјиште и да завршат други администратвни работи без да го напуштат селото во кое живеат и работат. Со новиот проект „365 дена подвижна канцеларија за земјоделците“, кој ќе стартува од крајот на овој месец, вработените во Министерството за земјоделство со осум специјални комбиња, опремени како канцеларии ќе ги посетуваат сите нaселени места во нашата земја во кои живеат земјоделци. Како што информираше портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев, со проектот ќе се обeзбеди директна комуникација со земјоделците, ќе се намалат трошоците, времето и ресурсите, а ќе се обезбеди брз и ефикасен сервис за сите потреби на фармерите.
„Наместо во канцеларија, вработените од ресорното Министерство својата работа ќе ја извршуваат директно на терен, меѓу земјоделците. Тоа ќе значи брз и ефикасен сервис за нив. Комбињата во секое населено место ќе се задржат барем еден работен ден, а во поголемите и неколку дена, рече Ѓорѓиев.
Тој посочи дека комбињата, според динамика која наскоро ќе биде утврдена и за која ќе бидат навремено известени земјоделците, селата ќе ги посетуваат секој работен ден од 8,30 до 16,30 часот. Според првичните проценки мобилните канцеларии секое земјоделско село ќе можат да го посетат два до три пати годишно.
Заинтересираните граѓани и земјоделците ќе можат да поднесуваат барања за субвенции и за доделување државно земјоделско земјиште, да добиваат совети, да се информираат и да ги завршат обврските околу проектите и програмите за поддршка на земјоделството.
Во секоја подвижна канцеларија ќе работат по две до три лица од Министерството за земјоделство, а согласно со спецификите на населеното место, вклучени ќе бидат и претставници од Платежната агенција, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот инспекторат за земјоделство и Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството. (С.Н.) |