08.08.2012, 13:42 (ИНТЕРВЈУ) „Охридско лето“ широко ги прима различните естетики
„Големите драмски автори ги профилираат своите политички ставови и покажуваат со прст на недостатоците“, вели Ѓорѓи Јолевски
Тина Иванова
Господине Јолевски, и како годинашен селектор на драмската програма на „Охридско лето“, кон што е фокусиран фестивалот? Се чини, овој пат доминираат класиците?
Годинашното, 52. издание на „Охридско лето“, што се однесува до драмската програма, е фокусирано на неколку значајни моменти. Првиот момент беше свеченото отворање со претставата „Ромео и Јулија“, во режија на Дејан Пројковски, а во продукција на „Охридско лето“ и во копродукција на повеќе национални и интернационални институции. Се случи на 12 јули, на Петровден, пред преполн аудиториум со акцент божји од дождот што дојде пред самото отворање, и по неколку часа трпеливо чекање и на изведувачите и на публиката, се отвори фестивалот кој беше испратен со големи овации и позитивна енергија.
Се разбира, и годинава продолжи традицијата на драмската програма на „Охридско лето“ главен акцент да и' биде класиката. Таа секогаш го има приматот на овој фестивал. Таква беше и претставата по отворањето - „Хенри Шести“ на Битолски театар, која се изведе во прекрасниот простор на предворјето на „Света Софија“, и повторно пред преполн аудиторум. Само да потсетам дека овој театар достоинствено го претстави македонскиот театар и култура на Културната олимпијада во Лондон во Шекспировиот „Глоуб“.
Гледавме неколку претстави кои директно се занимаваат со политиката, со диктатурата на власта, со состојбите кои ги живееме сега, но низ призмата на постари и стари текстови, што укажуваат, како што и самите режисери велат дека меѓучовечките односи не се менуваат. Особено беше таква „Питачка опера“ на Вацлав Хавел, која буквално ја допре македонската политичка реалност.
Да, „Антигона“ на пример, која ни дојде со Државниот театар од Истанбул, ги отвори прашањата на третирањето на власта и диктатурата што Креонт ја наметнува во своето царство. Режисерот Кенан Ишик со неверојатна влијателност ја опиша диктатурата на Креонт зборувајќи дека современите општества не се имуни на диктатура и дека ништо се нема променето откако Софокле ја напиша „Антигона“, па се' до денес.
Вацлав Хавел, пак, е секогаш актуелен, затоа што една приказна која што се случи во 19 век, прејде најпрво кај Брехт како „Питачка опера“, а потоа и кај Хавел во 80-тите години кој опишува како функционира еден систем. Босанскиот режисер Дино Мустафиќ с��здаде многу деликатна претстава каде што се обидува да направи некаков вид на сондажа на политичката состојба на Балканот, не само во Македонија. Тој, а и самата екипа на претставата, имаат едно исклучително, специфично видување. Но, „Охридско лето“ е институција која широко ги прима во своите прегратки различните естетики и, се разбира, различните политички ставови на учесниците. И меѓу другото, по тоа се гледа и големината, широчината и универзалноста на овој фестивал. Отвореноста го става фестивалот во врвот на семејството на големи фестивали.
Се разбира, не смее да се одмине и фантастичната изведба на „Човекот-перница“ во режија на Јавор Грдев од Бугарија, по текст на Мек Донах, а во изведба на Театарот 199 од Софија. Оваа претстава, исто така, ни донесе еден различен културен свет со силен политички акцент по третманот на уметникот од страна на власта.
Сепак, „Охридско лето“ секогаш, па така и годинава, не ги апстрахира ниту современите, па дури и сосема новите текстови. Што е она што би издвоиле, а што ќе се случи до крајот на годинашново фестивалско видување во сферата на театар��т?
Современите текстови во годинашната програма се акцентирани како дел од петте премиери на „Охридско лето“, од кои две се праизведби, односно претстави кои првпат се поставуваат. Тоа е големо богатство за која било национална куќа, а посебно за фестивал со вакво реноме. Тоа е престиж и голема среќа за фестивалот, затоа што „Охридско лето“ има доверба во институциите што ги прават премиерите, но и продукциите имаат доверба во фестивалот. И тоа заедништво на правење на премиери и' дава на публиката за право да биде постојано присутна на програмата на „Охридско лето“.
Инаку, се разбира, во очекување сме на претставите кои ќе се случат во август. Важно е дека директно од градот на Стриндберг, Стокхолм, а оваа година се одбележуваат 100 години од неговата смрт, од театарот каде што тој ја има поставено „Госпоѓица Јулија“, ни доаѓа токму таа претстава во режија на Ана Петерсон, првпат во Македонија. Потоа ќе се случи уште една премиера, „Крвава свадба“ од Јулија Паскал од Велика Британија, во изведба на театарот „Паскал компани од Лондон, што е текст пишуван специјално за „Охридско лето“. И тоа ќе биде повторно една силна, политичка, естетска тупаница.
Драмската програма ќе се заокружи повторно со премиера, овој пат меѓу две македонски институции, Македонскиот народен театар и Театарот за деца и младинци од Скопје. Театарот за деца и младинци токму преку програмата на „Охридско лето“ ќе ја почне 20 годишната желба да создава претстави за возрасни. Станува збор за „Декамерон“ од Џовани Бокачо во режија на Боњо Лунгов.
Претставата „Архелаос“ се случи во „Заливот на коските“ и ова е втор пат таму да се реализира еден драмски текст во рамките на „Охридско лето“. Може ли овој простор да се промовира како нов театарски амбиент?
Голема возбуда направи претставата „Архелаос“ од Јордан Плевнеш, што е втора изведба во „Заливот на коските“. Просторот се покажа исклучително добар. Всушност, тоа е еден од највозбудливите простори за театарски претстави. Изграден е како мало амфитеатарче кое е совршено. Самиот пат до него е авантура, од публиката која што се носи со автобус, до влегувањето, па изведбата... Драмски театар со Рубенс Муратовски во главната улога, навистина не пренесе во еден неверојатно возбудлив свет кој кореспондираше со просторот во кој се случуваше претставата.
Според Вас, кон што се фокусираат денес драмските автори, чинам сите ги тангираат слабостите на системот?
Морам да нагласам дека светот во кој живееме е далеку од совршен. Големите автори пишуваат токму за слабостите на системите во кои живееме. Тие ги профилираат своите политички ставови и покажуваат со прст на недостатоците. Годинашното „Охридско лето“ има навистина спектакуларни претстави кои сериозно се занимаваат со театарот и со креирањето на слободна мисла во светот. Тоа е исто така мое кредо, кое се обидувам да го имплементирам во програмата. Да се донесат значајни, силни, естетски издржани и моќни претстави кои ги провоцираат суптилните сетила на применетиот гледач. |