05.08.2012, 12:00 Концертот на „Перпетум Џезиле“ прекрасен роденденски подарок за „Охридско лето“
Роденденската прослава на македонската најголема музичко-сценска манифестација продолжи на брегот на Охридското Езеро, каде се пееше до раните утрински часови
Со раскошните вокали на „Перпетум Џезиле“ заедно со долготрајните аплаузи на неколкуилјадната публика во преполнетиот Антички театар во Охрид, синоќа беше прославен 52-от роденден на фестивалот „Охридско лето“.
Беспрекораната изведба на најпознатите композиции на Тото, Синди Лоупер, Ван Хален, Роберта Флек, но и за оваа пригода посебно сработениот аранжман на „Јовано, Јованке“ ја дигна на нозе фестивалската публика, која секоја изведба на словенечкиот вокален состав ја наградуваше со долготрајни овации.
Роденденската прослава на македонската најголема музичко-сценска манифестација продолжи на брегот на Охридското Езеро, каде се пееше до раните утрински часови.
Оние најупорните кои останаа до крајот на роденденскиот коктел на плажата пред хотелот „Метропол“ можеа да се дружат со гостите од Словенија и да уживаат во уште еден концерт под ведро небо.
Дел од членовите на „Перпетум Џезиле“ не ја пропуштија можноста да се искапат во прекрасните води на Охридското Езеро.
Роденденот на „Охридско лето“ 4. август, секоја година е резервиран за посебно атрактивни настапи на познати уметници, имиња етаблирани пред светската уметничка јавност. Тоа е денот кога пред 52 години со концертот на Ана Липша-Тофовиќ беше означено раѓањето на манифестацијата која Македонија ја впиша во светската кулктурна мапа. |