09.08.2012, 13:42 Италијанските семејства живеат од своите заштеди
Италијанските семејства се' повеќе живеат од своите заштеди, покажува анкетата објавена од група претприемачи и сопственици на мали фирми во североисточна Италија, ЦГИА.
Според резултатите од анкетата, вредноста на заштедите на Италијанците е намалена за 26,4 проценти во периодот од 2008 до 2011 година, додека нивото на нивните приходи е непроменето. Тоа значи дека со намалување на средствата за трошење, семејствата не се во можност да купуваат производи што ги нудат малите продавници и занаетчии.
Анкетата покажува дека меѓу 2008 и 2011 година потрошувачката на домаќинствата е зголемена за четири проценти, достигнувајќи 962,6 милијарди евра, додека истовремено заштедата е намалена за 93,5 милијарди евра.
„Од кризата најмногу се погодени големите семејства со малолетни деца, семејствата во кои само еден член заработува и оние што, за жал, се без работа“, истакна секретарот на ЦГИА, Џузепе Бортолуси. |