08.08.2012, 12:41 „Убиениот“ руски генерал се сретна со новинари во Москва
Генерал-мајор Владимир Петрович Кужеев, за кого сириските бунтовници соопштија дека е убиен во Сирија, се сретна денеска со новинари во Министерството за одбрана на Русија и ги демантираше соопштенијата за сопствената смрт.
- Им благодарам на медиумите за големото внимание кој мојата скромна личност. Непријатна ми е информацијата за мојата смрт во Сирија. Вознемирен сум дека тие информации причинија голема вознемиреност кај моите блиски. Веќе половина ден телефонот не запира да ѕвони, рече рускиот генерал.
Тој потврди дека е жив и здрав и дека е во Москва и рече дека тоа е провокација не само кон него, туку и кон неговата земја.
Руското Министерство за одбрана ги нарече голема лага извештаите за смртта на рускиот генерал и објави дека тоа се провокативни дејствија кон руските војници.
Сириска бунтовничка група денеска соопшти дека нејзините борци убиле руски генерал, кој бил ангажиран како воен советник при Министерството за одбрана на Сирија за операциите на владините сили во реонот на Гута, западно од Дамаск.
Групата, која себе си именува како Специјален оперативен баталјон „Јастреби“ - Оддел на воената управа на градот и провинцијата Дамаск, во прилог на соопштението достави и копии од документи издадаени од сириските власти, за кои се тврди дека му припаѓале на убиениот генерал. |