07.08.2012, 20:39 Издадени 24 решенија за забрана за работа

Поради непочитување на препораките за заштита од топлотниот бран Државниот инспекторат за труд издаде 24 решенија за забрана за работа
Државниот инспекторат за труд, при денешните контроли издаде 24 решенија за забрана за работа и 7 решенија за констатирани недостатоци во согласност со Закон за безбедност и здравје при работа поради утврдена непосредна опасност по здравјето на вработените заради високи температури и зголемено УВ зрачење.
Инспекторатот, како што информираат од Министерството за труд и социјална политика, денеска до 14 часот изврши 77 инспекциски надзори од областа на безбедност и здравје при работа на територијата на Република Македонија, од кои 73 редовни и 4 контролни.
- Надзорите продолжуваат и утре и доколку се утврди непочитување на забраните ќе следуваат и прекршочни пријави од трета категорија во висина од 5.000 до 8.000 евра за правниот субјект и 500 до 1.000 евра за одговорното лице на правниот субјект. Исто така, за утврдени други недостатоци и непреземени мерки согласно со Законот и подзаконските акти, ќе се изрекуваат соодветни прекршочни пријави, најавуваат од Министерството за труд и социјална политика. |