09.08.2012, 10:06 Шест активни пожари во Македонија
На територијата на Македонија активни се шест пожари во Скопско, Тетовско и Кумановско.
Во атарот на скопското село Кучково во општина Ѓорче Петров синоќа изби пожар на кој до полноќните часови интервенираше Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје и претставници од локалната самоуправа. Од утрово се мобилизраат околу 50 лица на Дирекцијата за заштита и спасување за да излезат на терен.
Активни се пожарите кај селата Радуша и Рашче каде од утринските часови интервенираат три пожарникари со едно возило.
Се` уште е активен и пожарот во атарот на селото Гургурница. Центарот за управување со кризи информира дека интервенцијата за гаснење ќе продолжи во текот на денешниот ден.
Пожар има и над селото Копанце каде гори нискостеблеста шума и сува трева. Пожарот е префлен од скопско Бојане и на него во текот на денешниот ден ќе интервенираат екипи на шумското стопанство „Лешица“.
Активен пожар има и во селото Пресница, општина Липково. Зафатена е дабова шума, бука и габер. Во гаснењето учествуваат четири лица од Шумското стопанство „Куманово“ и 15 лица од месното население. Пожарот се наоѓа на доста непристапен терен, па поради тоа е отежнато гаснењето. Досега се зафатени околу четири хектари површина.
Под контрола е ставен пожарот во атарот на селото Танушевци. Зафатена е букова шума и сува трева. |