08.08.2012, 11:33 Единаесет години од загинувањето на армиските резервисти кај Карпалак
На Карпалак денеска ќе биде одбележана 11-годишнината од загинувањето во заседа на 10-те прилепски резервисти на АРМ за време на конфликтот во 2001 година
Кај месноста Карпалак на автопатот Тетово - Скопје денеска ќе биде одбележана 11-годишнината од загинувањето во заседа на 10-те прилепски резервисти на Армијата на Република Македонија за време на конфликтот во 2001 година.
Делегации на Владата, Министерството за одбрана и на ГШ на АРМ ќе положат цвеќе во чест на воените обврзници кои во 2001 година загинаа на ова место.
Како што е најавено, делегации на Владата, МО и ГШ на АРМ, како и од Здружената оперативна команда (ЗОК) на АРМ ќе положат цвеќе и пред спомен - обележјето подигнато во чест на загинатите воени обврзници во касарната во центарот на Прилеп.
Вчера делегација на ЗОК положи цвеќе пред спомен-обележјето во касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп и пред спомен-обележјето во село Лениште.
На 8 август 2001 година армиски конвој составен од пет возила и 120 резервисти наиде на заседа кај месноста Карпалак. Во одбрана на независноста, територијалниот интегритет и суверенитет на државата загинаа Нане Наумоски, Сашо Китаноски, Бранко Секулоски, Горан Миноски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушидоски и Пеце Секулоски, сите од резервниот состав на АРМ од гарнизонот Прилеп. |