08.08.2012, 14:57 Камерниот хор „Св. Климент Охридски“ вечерва во црквата Света Софија
На програмата на концертот што ќе се одржи вечерва во катедралната црква Света Софија се дела на Македонски, Лвов, Рахмањинов, Ортаков, Шумилов..
Дваесет и осмиот ден од 52-то издание на „Охридско лето“ е резервиран за концертот на духовна музика во изведба на Камерниот хор „Св.Климент Охридски“, под диригентска управа на Панче Јосифов.
На програмата на концертот што ќе се одржи вечерва во катедралната црква Света Софија со почеток од 21 часот се дела на Македонски, Лвов, Рахмањинов, Ортаков, Шумилов, Архангелски, Зографски, Христов, Свиридов.
Камерниот мешан хор „Св.Климент Охридски“ е формиран во 1992 година за потребите на Македонската православна црква, односно за сослужение на неделните и празничните литургии во црковниот храм „Св.Климент Охридски“ во Скопје, како и за разни пригодни свечености во рамките на МПЦ. Хорот е составен од професионални пејачи, вокални педагози и хорски уметници. Негов уметнички директор и диригент е Панче Јосифов.
Хорот досега неколкупати настапувал на „Охридско лето“, одржал бројни концерти во Македонија, Полска, Бугарија, Италија и други земји. Учествувал на повеќе меѓународни фестивали на православна духовна музика каде се стекнал со награди и признанија. |