07.08.2012, 11:28 Кабаре-чалгија на „Старовски“ на „Охридско лето“
На оф-програмата на „Охридско лето“, вечерва во 21 часот, групата „Старовски“ ќе настапи со кабаре-чалгија перформанс инспириран од македонската поезија
Во рамките на оф-програмата на „Охридско лето“, вечерва, во 21 часот во предворјето на црквата „Св.Софија“ во Охрид, групата „Старовски“ ќе настапи со кабаре-чалгија перформанс инспириран од македонската поезија. Приказните и песните за жената, нејзините љубови и таги, раѓања и умирања ќе ги раскажат Верица Недеска, Верица Андреевска, Круме Стефановски, Дејан Спасовиќ и Јордан Костов.
Заштитен знак на настапот ќе биде месечината и нејзината вечна поврзаност со жената. Ќе бидат изведени песни од првиот албум на „Старовски“, „Прашинка љубов“ како и од новиот албум што е во подготовка. Поезијата застапена во нивните песни е дело на македонските поети: Петре М. Андреевски, Ацо Шопов, Гане Тодоровски, Блаже Конески, Никола Јонков Вапцаров и Константин Миладинов.
Автор на видеоинсталацијата е Сергеј Ѓоргиев, а на костимите Никола Булески - Буле. |