07.08.2012, 11:19 „Анаморфозис“ - нов албум со кларинетистот Васко Дуковски
На албумот Дуковски свири заедно со ансамблот за современа музика „Талеа“, а изданието содржи дела од познатиот италијански композитор Фаусто Ромители
Македонскиот кларинетист Васко Дуковски, кој живее и твори во Њујорк, неодамна го издаде својот трет албум насловен како „Анаморфозис“. На албумот Дуковски свири заедно со ансамблот за современа музика „Талеа“, а изданието содржи дела од познатиот италијански композитор Фаусто Ромители. Како што вели Дуковски, во центарот на компонирањето на Ромители лежи идејата преку инструментите да се доловат звуците што произлегуваат од секојдневјето, да се продре до физичките промени на секој еден предмет, растение, појава. Со помош на електроакустичните технологии, Фаусто Ромители со своите дела дал една поинаква перцепција на звучноста на природата, а ансамблот „Талеа“ како обожаватели на ваквиот поразличен музички свет и Васко Дуковски за кој критиката вели дека е музички талент без жанровски граници создаваат еден прекрасен аудиозапис.
Овој ансамбл е познат по изведување многу важни светски премиери на дела од познати композитори на современа музика. Со својата голема посветеност, виртуозност и луцидност во изведувањата на делата, „Талеа“ совршено и' ја презентира модернистичката музика на светската публика.
Албумот е снимен во мултимедијалниот културен центар EMPAC кој го поттикнува развојот на авангардни уметници и композитори од 21 век, а издаден е во соработка со продуцентската куќа „Тзадик“ од Њујорк. |