09.08.2012, 13:11 Македонски телеком и натаму лидер на пазарот
„Македонски телеком АД-Скопје“ и „Т-Мобиле Македонија“ имаат водечка позиција во фиксниот и мобилниот сегмент, покажуваат финансиски резултати за првите шест месеци годинава
„Македонски телеком АД-Скопје“ и „Т-Мобиле Македонија“ имаат водечка позиција во фиксниот и мобилниот сегмент, покажуваат финансиски резултати за првите шест месеци годинава во согласност со Меѓународните стандарди за финансиско известување (МСФИ).
Во првите шест месеци од годината, како што посочуваат од компанијата, се забележува значителен пораст во интернет и ИПТВ-сегментот, креирани во согласност со потребите и можностите на корисниците.
„Македонски телеком“ стои на лидерското место со 74 отстотен удел на пазарот во сегментот на фиксна телефонија и во делот на широкопојасниот интернет со удел од 56 отсто. Бројот на интернет-корисници во првата половина од годинава е зголемен за 5,8 отсто, а се бележи и пораст на бројот на ИПТВ-корисници за 50,4 отсто во споредба со крајот на јуни 2011 година.
Во првата половина од годинава приходите од продажба на ниво на Групација се намалени за 12,8 отсто во споредба со истиот период од 2011 година. Во првите шест месеци од годинава, оперативните приходи на Македонски Телеком и на Т-Мобиле Групацијата изнесуваат 6,9 милијарди денари и нето-добивка од 1,8 милијарди денари, согласно со МСФИ.
Во делот на мобилната телефонија, приходите се намалени, но и покрај тоа, на крајот на јуни годинава Т-Мобиле има 1,223 милиони претплатници, со што остварува водечка позиција со 49,9 отстотен удел на пазарот.(Ек.Р.) |