08.08.2012, 09:18 Пет активни пожари во Македонија
На територијата на Македонија активни се пет пожари, а локализирани се пожарите над охридското село Октиси и во атарот на скопското село Света Петка.
Дирекцијата за заштита и спасување информира дека пожарот во месноста Биљак во атарот на селото Танушевци е се` уште активен, но со намален интензитет. Зафатена е ниска трева, а утрово е испратена екипа од шумското стопанство за гасење на пожарот.
Активен е и пожарот во атарот на селото Радуша и за негово гаснење утрово е испратена екипа од три пожарникари и едно противпожарно возило.
Се` уште гори и кај селото Гургурница. Запалена е сува трева во месноста Локва, но постои опасност да биде зафатена и борова шума.
Активен е пожарот источно од селото Казандол кој вчера се прошири на повеќе правци, а беше загрозено и селото Фурка, но опасноста е надмината благодарение на интервенцијата на противпожарните екипи од Вландово, Гевгелија, Дојран, Богданци, шумското стопанство „Саланџак“ и интервенцијата од воздух, како и 100-те луѓе од селото. Со пожарот е зафатена површина од 300 хектари мешана шума (даб, габер, смрека, прнар), а во текот на ноќта на терен останале 15 вработени од Шумското стопанство „Саланџак“.
Синоќа избувнал пожар и меѓу Гевгелија и Прдејци, кој сеуште е активен. Гори сува трева и нискостеблеста шума во близина на пругата во должина од 10 – 15 км. На овој пожар интервенирале противпожарни екипи од Гевгелија, а за време на интервенцијата, железничкиот сообраќај во тој регион бил прекинат.
Пожарите над селото Октиси и во атарот на селото Света Петка се локализирани. Кај селото Октиси била Зафатена површина од 10 хектари сува трева на карпест непристапен терен, додека со пожарот кај селото Света Петка горела сува трева и грмушки на површина од околу 40.000 м2. |