19.07.2012, 19:13 Поглед
Увезен терор во Бургас
Димитар Чулев
Бомба во автобус на аеродром упатен кон туритички ресорт е терористички чин и тоа е единствено извесно за тоа што завчера се случи во Бургас. Од неразјаснети причини, и без вина, Бугарија се најде списокот на земји на кои им се случи тероризам, иако жртвите беа израелски туристи.
И дотука се' е јасно. Она што создаде недоумици уште во првите минути по лиферувањето на веста е „непоодносливата леснотија“ со која официјален Тел Авив „препозна“ ирански заговор извршен од наводен член на шиитскиот Хезболах кој во моментот кога се саморазнел со експлозиван појас, од лични документи имал - (лажна) американска возачка дозвола. Премиерот Нетанјаху и израелскиот шеф на дипломатија Либерман, посочија на виновникот пред истрагата и да почне и додека бугарските власти на сите нивоа се обидуваа да ги згрижат жртвите чиј број од првичните три, порасна на 8 +1 (терористот) и десетици повредени.
Ефикасноста со која некои странски агенции, направија линк на завчерашниот напад со 18-годишнината од нападот врз израелски туристи во Аргентина во 1984, е „чудесна“ околност која коинцидираше со телефонскиот разговор меѓу Нетанјаху и американскиот претседател Обама за настанот кој се случи на бугарското крајбрежје...
Не сакаме да веруваме дека на Бугарија и' се случи наменски увезен терор и дека настанот утре-задутре ќе биде искористен како повод или „коцкичка која недостига“ во комплетирање на мозаикот околу Ормускиот залив каде месеци наназад се трупа воена сила и техника за разврска против нуклеарната програма на Иран.
Теророт не познава граници и методи и не е чесно Бугарија да биде притисната како сега, да се правда дека не спречила – тероризам. |