19.07.2012, 19:07 Грција ги чека македонските пораки до Нимиц
Во посета на Македонија заедно со генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун во рамки на неговата посета на Балканот
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
Атина - Во Атина се очекува медијаторот Метју Нимиц по средбите со македонскиот државен врв на Грција да и' пренесе порака дека Македонија е подготвена да седне на преговарачката маса за да се најде заеднички прифатливо решение. Специјалниот претставник на Обединетите нации, Нимиц, ќе биде во посета на Македонија заедно со генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун во рамки на неговата посета на Балканот идната недела. По средбите во Скопје, на барање на Грција, Нимиц ќе замине во Солун и ќе има средба со грчкиот преговарач Адамантиос Василакис.
Потпаролот на грчкото министерство за надворешни работи, Григорис Делавекурас, истакна дека очекуваат Нимиц на средбата со Василакис да информира за она што ќе го слушне во Скопје околу спорот за името. Повтори дека Грција останува на својата постојана позиција дека сака да види во брзо време решение за името. Делавекурас нагласи дека треба да биде јасно дека решение за името не може да се постигне само со зборови, туку со суштински преговори и работа на преговарачката маса. Атина вели дека однесувањето на македонската влада еден ден да ја напаѓа Грција, следниот да нуди конструктивни предлози, а ден потоа повторно да ја напаѓа со тешки зборови, не можело да доведе до решение на проблемот.
„Потребно е двете страни да седнат на преговарачката маса и да бидат одлучни дека ќе стигнат до заеднички прифатливо решение. Грција има направено огромни чекори во оваа насока, она што го чекаме е да видиме ваков чекор од владата на Поранешната југословенска република Македонија. Се надевам дека ова ќе биде пораката која ќе ни ја пренесе Нимиц по средбите кои ќе ги има со државниот врв во Скопје. Не можам да ви кажам дека сум оптимист дека ова ќе биде пораката“, истакна Делавекурас.
Турнејата на генерал��иот секретар на ОН, Бан Ки Мун, на регионот, Грција ја оценува како посета од исклучителна важност. Атина ја поддржува оваа посета на регионот и очекува Бан Ки Мун да испрати порака државите од Балканот да го напуштаат своето минато на национализам и судири и да свртат нова страница со желба за соработка и развој. |