11.04.2012, 17:22 Фатмир Бесими на средба со Филип Рикер
Министерот за одбрана, Фатмир Бесими, во склоп на неговата посета на САД имаше средба со заменик-помошникот државен секретар, Филип Рикер, и со директорот за европски прашања на Советот за национална безбедност, Рик Холдзапел.
На средбите преовладувале разговори за соработката меѓу Македонија и САД, како и за мајскиот НАТО-самит. Бесими на средбите говорел за добрата соработка меѓу Македонија и САД во областа на одбраната и безбедноста и изразил благодарност за поддршката од САД во реформскиот процес во државата, како и за интеграцијата во ЕУ и во НАТО. Во разговорот за самитот на Алијансата, Бесими потенцирал дека побрзиот прием на државата во НАТО ќе биде позитивно влијание за целиот регион и успех и за Македонија, но и за Алијансата.
Советот за национална безбедност е основен форум на претседателот на САД кој се занимава со прашања поврзани со национална безбедност и надворешна политика, а главната функција на Советот е советување на американскиот претседател за овие теми и координација на политиките за безбедност и надворешни прашања меѓу различните владини агенции.
|