Магични печурки влегоа во училиштета
Првото искуство со дрогата учениците ја имале на возраст од 14 и 15 години, покажува истражувањето на ЕСПАД
Даниела Трпчевска
Дрогата е присутна меѓу училишните клупи, особено меѓу средношколците во земјава. Најголем број од нив имале искуство со марихуана, но користат и седативи и клупски дроги. Сепак, најголем дел од нив имале искуство со магични печурки, амфетамини и транквилизери, а често знаат да помешаат алкохол со таблети. Првото искуство со дрогата учениците ја имале на возраст од 14 и 15 години. Ова се сознанијата добиени со анкетата на невладината организација „Контакт“, која минатата година во рамките на европското истражување анкетирала 16-годишници во 22 училишта во земјава. Резултатите се поразителни. Околу пет отсто од 2.452 анкетирани средношколци одговориле дека дрогата може да се најде во училиштата, 5,5 отсто искусиле марихуана, еден процент имале контакт со други видови дрога, а шест проценти земале седативи и клупски дроги.
Истражувањето на ЕСПАД за употреба на илегалните други кај учениците е спроведено минатата година во над 30 европски земји во ист временски период, со стандардизиран прашалник, и во него биле вклучени 16-годишни деца. Покрај истражување за дрогата, им биле поставувани прашања и за употребата на цигарите и алкохолот.
Па така, 3,2 отсто од учениците кажале дека во неколку прилики користеле канабис и екстази, додека 5,5 отсто имале искуство со марихуаната, со што е забележан тренд на опаѓање во споредба со 1999 година, кога процентот бил 8,1. Според анкетата, се забележува пораст на употребата на екстази и овој процент е сличен со состојбите во Хрватска, Бугарија и во Словенија. Учениците имаат најголемо искуство со магичните печурки – 1,2 отсто, но позната ��м е употребата и на хероин, кокаин, ЛСД, амфетамин, транквилизери. Поради дрогата, учениците покажале лош успех во училиштето, им се случувале повреди или несреќи, имале проблеми со семејството и пријателите, а често доаѓале и во судир со полицијата.
Со цел зголемена едукација во училиштата за опасностите од користење од дрога, невладината организација ХОПС, во соработка со Институтот од Холандија за ментално здравје и зависност – Тримбос, од 2008 година започна проект за едукација и превенција од дрога во училиштата. Проектот, кој е финансиски поддржан од програмата МАТРА на Министерството за надворешни работи на Холандија, се состои од обука на седум лица за превенција, кои од септември ќе го спроведат пилот-проектот во три средни училишта во земјава („Боро Петрушевски“ во Скопје, „Никола Штејн“ во Тетово и „Јане Сандански“ во Струмица). Во оваа фаза ќе се вклучи и Министерството за образование кое ќе ги набљудува активностите, за што вчера беше потпишан меморандум за соработка со ХОПС. Проектот ќе финишира со изработка на програма која ќе треба да се имплементира преку институциите. Целта е рана детекција на учениците што користат дрога, нивна едукација, но и соодветна помош за оние што имаат проблеми со дрогата. |