Мислења
Соништа и посланија
Љупчо Печијарески
Неопходно е да се преиспитаме и како власт и како опозиција, но и како граѓани каде не' водат овие делби
Некаде во почетокот на четириесеттите години од минатиот век баптистичкиот свештеник од Атланта, Мартин Лутер Кинг, трчајќи по вжештените, црвени, ридови на обесправената и сиромашна Џорџија, уште во раното детство, започна да го сонува својот сон за тоа дека еден ден во неговата земја „синовите на некогашните робови и синовите на некогашните робосопственици ќе можат да седнат заедно на масата на братството ..., при што тие ќе бидат ценети не според бојата на кожата, туку според особините на нивниот карактер“. Не знам во колкава мера овој сон денес суштински е остварен во САД, односно не сум сигурен дека слободата ѕвони од секое село, град, држава, од планинските врвови на Њу Хемпшир, од снежните врвови на стеновитите Планини на Колорадо, Стражарската Планина на Тенеси ... како што посакуваше Мартин Лутер Кинг. Сепак, евидентно е дека со изборот на Барак Обама – првиот црн претседател на САД, општеството положи еден од најзначајните тестови: на сите граѓани да им даде еднаква шанса да се искачат до највисокиот врв на американскиот општествен и политички живот, со што создаде претпоставки тие да се чувствуваат рамноправни.
Векови пред тоа, на територијата именувана со исконското име Македонија, еден народ започнал да го сонува својот сон за сопствена самобитност, сопствена држава во којашто нејзините граѓани ќе бидат свои на своето при што, именувајќи се како Македонци, слободно ќе творат на сопствениот мајчин јазик. Притоа, долг е патот што го изминал овој народ, додека стигнал до ова што е денес – до политичката артикулација на својот национален идентитет што овозможува тој, и од формално – институционален аспект, да биде еднаков со другите народи.
Во оваа прилика нема да оспориме колкаво е влијанието на античкиот период, кое несомнено е присутно (пред се', како резултат на долговековната дифузија на античките културни елементи) врз формирањето на идентитетот на македонскиот народ, но она што со сигурност можеме да го потврдиме е фактот дека во тој идентитет се вградени бројни содржини, почнувајќи од Моравската мисија на светите браќа Кирил и Методиј, нивните следбеници Климент и Наум, преку подалечното и поблиското преродбеничко и револуционерно минато, се' до современото македонско културно и научно творештво. И, не е најважно кој прв го обелоденил македонскиот сон, кој колку има заслуга за неговото пренесување од генерација на генерација, важно е тоа што со помош на тој сон - заштитен знак на нашето постоење, Македонија опстоила. Освојувана, газена, распарчувана, непризнавана таа, сепак, достоинствено ги издржала сите неправди и денес, со своето етно-културолошко богатство, претставува составен дел на постојната цивилизациска повеќеслојност. Во таа повеќеслојност е вградена и песната на Блаже Конески, „Послание“, во која тој ќе забележи:
„Без вас, Тире и Сидоне,
овде се живеело илјадници години
и пак ќе се живее.
Ние луѓето сме како тревата –
ја газат, се суши, се задушува, гине,
само земјата останува.
Одовде тргнал некогаш походот до Инд,
кој можел да го предвиди тоа?
По Виа Егнатија Цицерон одел во
прогонство до Солун.
Наум соградил манастир
на изворот на Белото Езеро.
Оваа земја го крепела и Марка Кралета.
И сепак,
Зар не доживевувала таа униженија?
Зар можело без тоа до зрелоста?”
Посланието на Блаже Конески не' води до суштинското прашање: колку е зрела нашата генерација да одговори на предизвиците на времето во коешто живееме за зачувување на она што со векови макотрпно е создавано? Колку сме подготвени да им се спротивставиме на оние кои денес не го признаваат нашето име, јазик, идентитет, црква ... со што, на најдрзок начин, не унижуваат?! Се чини, недоволно! Пред се', затоа што сме поделени според сите основи: етнички и религиозно – етничката и религиозната припадност во секој момент, во зависност од потребите на етничките вождови се користи како заканувачки фактор за федерализација и поделба на државата; политички – интересите на партијата и сопствените интереси, во име на партијата се ставаат пред интересите на заедницата; социјално и економски - македонското општество евидентно е раслоено на еден мал дел богати и голема маса сиромашни граѓани кои не знаат како да преживеат, што силно влијае врз намалувањето на неговата социјална кохезија и интеграција.
Во секој случај, се' додека не сакаме или, пак, не знаеме како да се обединиме, ние не сме во состојба да го положиме испитот на зрелоста, односно покажуваме дека немаме капацитети да ја водиме Македонија кон подобра иднина. Треба да ни биде јасно дека неединството и неслогата се најголемите непријатели на Македонија. Можеме да се лутиме на Грција за некоректниот однос, но пред се' треба да се лутиме на самите себе, зашто не го исполнуваме најважниот услов за постоење на една држава - нејзиното единство и хомогеност. Затоа крајно е време да сфатиме дека основен приоритет на политичкиот живот во Македонија, над сите приоритети е обединувањето на граѓаните во остварувањето на заедничките национални и државни интереси, секако во рамките на поширокото европско семејство.
За почеток, ослободувањето од визниот режим е добар чекор на тој пат. Сепак, без заедничка стратегија, без дијалог, тврдоглаво верувајќи само во своите аргументи, поаѓајќи од личното профитерство, ние денес сме далеку од Посланијата на нашите претходници, но исто така сме далеку и од автентичното и одговорно градење на сопствената сегашност и иднина. Во тој контекст, неопходно е да се преиспитаме и како власт, и како опозиција, но и како граѓани каде не водат овие делби; да заборавиме на нашите суети и самобендисаност и, во духот на вековната традиција на Македонецот, да истраеме кога е најтешко, обединети околу основната премиса според којашто опстанокот и развојот на Македонија треба и мора да биде над дневнополитичките игри и интереси.
(Авторот е универзитетски професор) |