500 броја
Стил - јубилеј
Јасминка Павловска - уредник на „Стил“
Колку и да се трудиме да се однесуваме ладнокрвно, јубилеите секогаш наведуваат на сентименталност. Во таква неизбежна ситуација на сентименталност за овој 500. број на „Стил“, заклучуваме дека е подобро кога се случува работен јубилеј отколку роденден. Зашто родендените не' потсетуваат дека старе��ме, додека работните јубилеи наведуваат на помислата дека сме стекнале мудрост. И имаме причина за среќа! Барем ако тргнеме од логиката на мислата на Бенџамин Франклин: „Трагедијата на животот е во тоа што пребрзо стануваме стари, а предоцна - мудри!“, бројката од 500 изданија на „Стил“ не зборува за годините, но укажува на 500 недели минати во обид да се создадат мудри новинарски приказни, да се пронајдат мудри луѓе, желбата за потрага по мудроста, да се наметне како опција на животен стил. „Стил“ во сиве овие 500 броја настојуваше низ своите содржини да промовира стил со суштина, никогаш да не остане само на стилска површина или бесмислен гламур - како што често на прв поглед се дефинира стилот.
Како дел од дневно-политичкиот „Утрински весник“, саботниот „Стил“ во формат на магазинско издание настојува во реалноста да ја пронајде убавата страна на животот или барем некој поинаков аспект на реалноста - невидлив во ритамот на дневното проследување на настаните. „Стил“ се труди од вестите да создаде приказна.
Низ овие 500 броја низ страниците на „Стил“, своите приказни и својот стил го вградија Сузана Прањиќ, Небојша Јаконов, Марија Кука, Александра Тодоровска, Петранка Талевска, Ивона Саздовска... и речиси сите новинари на „Утрински весник“, како и многубројни надворешни соработници. За визуелно-графичкиот стил на „Стил“, главен „стилист“ е Страхил Поповски.
И среќни сме што ни се случува работен јубилеј со 500. број - зашто за годините не се зборува, а мудри сме со стил, толку колку што сме заслужиле за 500 броја!
За визуелно-графичкиот стил на „Стил“, главен „стилист“ е Страхил Поповски
„Стил“ - секој број како новоникнато запче
Сузана Прањиќ - ПР во Министерство за економија
Според зборовите на американскиот есеист Гор Видал, СТИЛ значи да знаеш кој си и што сакаш да кажеш, а за другото да не бериш гајле. Токму по таа девиза, случајно или намерно, една приквечерина исполнета со многу позитивни вибрации на скопскиот плоштад, се роди идејата за нашиот „Стил“, кој стигна до своето 500. утро. Знаевме кои сме, бидејќи зад нас го имавме веќе профилираниот бренд „Утрински весник“ и врвниот тим новинари, соработници, дописници, технички уредници, преведувачи, лектори и, секако, знаевме што сакаме да му кажеме на светот со овој саботен прилог. А уредниците и бордот се погрижија за третиот елемент – за ништо друго да не му ја мислиме.
Токму така се роди СТИЛ...Како прв уредник на овој саботен прилог, го доживеав како свое првенче во светот на печатениот медиум: секој нов број, небаре беше ново изникнато запче, следен чекор при проодувањето, нова љубов што мами воздишки... Благодарение на ентузијазмот, добрите идеи, различните темпераменти, вештите пера на колегите и желбата да се направи единствен производ и содржински и визуелно, „Стил“ изгради свој сопствен стил – уникатен за себе и идентификуван од јавноста. И токму поради тоа, никогаш не му недостасуваше инспирација – на неговите страници се забележуваше реалноста, се будеа сеќавања, се скицираше иднината, се одѕиваше бунтот против стереотипите и кичот, се сликаа луѓе и настани, земји и култури, хобија и кариери, признати и почетници, творци и уметници...сето она што може да ја долови уметноста на живеењето од нејзиното лице, но и опачина.
Иако дел од тие лица што го започнаа создавањето на „Стил“ во годините што изминаа не се веќе дел од него, секој од нив остави трага, дел од себе, отпечаток од прстот што не се брише, за да биде инспирација за другите, да говори за целта на неговото раѓање и постоење: да ја обедини меморијата и спомените, одликите на времето, сентиментот, носталгијата и визијата претставени со стил, кој комплетно го заслужуваат читателите на „Утрински весник“.
По повод неговиот петстоти број би сакала да му посакам да бидат пророштво зборовите на дизајнерот, чии живот и дело наоѓале место на страниците на „Стил“, Ив Сен Лорен - „Се' бледнее, само СТИЛ-от е вечен!“
Небојша Јаконов - „Стил“ не е празна приказна
Овие 500 броја на магазинот „Стил“ неизбежно навраќаат на луѓето што го создавале. Секој од нив го има оставено својот белег за јубилејна ретроспектива, сите имаат оставено дел од себе во спомените на колегите. И една година подоцна, откако Небојша Јаконов не' напушти засекогаш, се чини и натаму нераскинлива асоцијација за постоењето на „Стил“. Скромен во својата безгранична ерудиција, Небојша Јаконов беше тој што ненаметливо го наметна стилот на „Стил“ - дека стилот е во суштината, дека убавината не мора да е бесмислена, ниту нејзиното физичко отсуство - празнина. Она што тивко му го наметна Јаконов на „Стил“ е дека стилот не е (само) празна приказна. Неговата работа и дружење со нас никако не беше „празна приказна“. (Ј.П.)
„Стил“- без страв од броени редови
Марија Кука од Њујорк
Кога почнав да пишувам за „Стил“, се' уште работев во Скопската рубрика и мислам дека ми беше доста од пишување за неасфалтирани улици, за караници во Градското собрание и слично... Сакав да пишувам репортажи, сакам да го изразам своето мислење за социјални феномени, сакав за промена, наместо на седница на Градско собрание, да одам на модна ревија! „Стил“ беше моето прибежиште и бегство во еден поинаков новинарски свет, свет каде што може послободно да се изразува, без да се плашам дали ќе напишам еден ред повеќе или дека весникот ќе се затвори порано. Сепак, морам да признам дека најубавото искуство беа биографските интервјуа. Благодарение на тие интервјуа, запознав прекрасни луѓе од македонската културна, научна и политичка сцена. Во сеќавање ми се разговорите со Александар Џамбазов, д-р Јовица Угриновски, Мирна Бојаџиев, Димитар Бајалџиев... Споменувам само некои.
Морам да нагласам дека ми е многу мило што имав можност да соработувам со покојниот Небојша Јаконов, уредник, новинар со енциклопедиско знаење. И бидејќи веќе не сум новинар во „Утрински весник“ и бидејќи веќе не живеам во Скопје, ниту во Македонија, не знам дали „Стил“ се' уште се планира во четвртоците до полноќ, како некогаш... Сега сум само редовен читател на „Стил“ преку Интернет и само можам да кажам: „Браво, одлични сте! Уште многу јубилеи!
|