Замислете само што ќе се случеше со светот доколку парите потрошени за војната во Ирак беа потрошени за наука и развој
По седум години, неделава заврши сагата на Американците во Ирак. Бев на служба во САД кога таа започна и се сеќавам дека беше најавена во годишното обраќање на Буш д�� нацијата, а преку Сенатот, попознато како State of the union, на 29 јануари 2003 година. Во тоа обраќање Садам беше обвинет за прекршување на договорот од 1991 година кога прифатил да се откаже од оружје за масовно уништување. Но, како што рече американскиот претседател тогаш, тој продолжил да произведува хемиско, биолошко и нуклеарно оружје, и покрај инспекциите во неговата држава. Буш потсети дека Садам не им го покажал оружјето на инспекторите и дека тоа било негова обврска да потврди дека неговото дејствување е во согласност со препораките на Советот за безбедност и дека се разоружува. Набројувајќи ги елементите што се подлога за да се изврши нова инвазија по она од 1991 година, тој ги спомена и разузнавачките сознанија на британската служба дека Садам купил значајна количина ураниум од Африка. Додека, пак, американските служби дознале дека тој сака да купи алуминиумски туби што се погодни за производство на нуклеарно оружје. Потоа тој го поврза тоа со терористичките напади од 11 септември предлагајќи да се замисли каков хорор би се случил во САД доколку некој од терористите би бил наоружан со оружјето шт�� го има сега Садам.
Мора да признаете дека тоа е одлична сугестија. Односно фино создадена подлога за да се интервенира. Потоа следуваше војната. На Интернет можат да се пронајдат податоци дека таа чинела 750 милијарди долари и дека американската армија има околу 4.400 жртви. Згора на тоа се и 30.000 ранети војници. Ова се застрашувачки бројки. Замислете само што ќе се случеше со светот доколку овие пари беа потрошени за наука и за развој. За загубите во човечки животи и да не говорам. Сума сумарум, сега Садам го нема. Ирак е слободен, како што се најавуваше и по заминувањето на американската армија, повторно е вратен во рацете на ирачкиот народ. Мисијата „Слобода за Ирак“ е успешно завршена. Сега ќе видиме колку е подготвен ирачкиот народ да ја чува таа слобода и како ќе се однесува кон неа. Да видиме и како ќе се однесуваат кон всадените западни вредности, односно дали ќе можат да организираат слободни и демократски избори, како и потоа владеење на тие што ќе бидат избрани. Да видиме дали ќе престанат терористичките и самоубиствени напади. Имено, ми се чини дека е интересен експеримент да се донесат некакви вредности таму или, пак, каде било. Големо прашање е дали еден народ е онаков каква што е неговата влада или, пак, владата е онаква каков што е народот.
Своевремено читав една извонредна книга на Зиновјев во која тој го опишува рускиот тоталитарен систем и која, за жал, не е преведена на македонски. Но, тоа не е најважно во моментов. Во неа тој за Сталин, кој го презира, вели – мислите дека е лесно да се биде Сталин. Ајде вие обидете се да бидете како него, отидете во некое мало место и претставете се како партиски комесар, па извршете убиства во име на партијата. Да ве видам дали ќе можете да се извлечете неказнето. Со тоа сакаше да каже дека Сталин е производ на определени историски околности што имаат длабока врска со рускиот народ. Односно, дека тој народ си барал таков водач. И денеска, многу време по неговото владеење, и откако се знае за неговите ѕверства, ликвидации и чистиот тоталитаризам, Сталин е изгласан за трета најпопуларна историска личност во Русија. Во прашање се над 50 милиони гласа дадени преку Интернет. А анкетата е спроведена од руската државна телевизија. Како што може да се види, не е битно какви зулуми се направени, тој народ си сака цврста рака. Како што знаеме, и ден денес демократските права не се на некое којзнае какво ниво во Русија.
Истото може да се аплицира и за Ирак (но и за Македонија), за да се вратам на темата. Прашање е каков систем на владеење сака тој народ таму. Универзална дилема е дали е применлив демократскиот модел насекаде. Затоа да оставиме да помине некое време за да видиме колку беа успешни напорите на Американците да ја донесат демократијата во тој регион.
Од друга страна, да се оставеше на власт, сигурно и денес ќе владееше Садам, за кој е потврдено дека над своите граѓани вршел тортура, геноцид и употребувал биолошки отрови. Никако не си начисто што да правиш. Можеби затоа треба повторно да размислиме за нефункционалната и намерно дискредитирана светска организација. Обединетите нации се создадени по Втората светска војна токму со таа намера, да се зачува мирот и да се натераат државите на дијалог низ нејзините институции. Идејата е одлична, идеалистичка и во неа е вложено многу. Но, големите сили, посебно државите што имаат право на вето, често се ставаат самите над рамките што се предвидени токму во светската организација. Самите рамки, односно начинот на нејзиното дејствување е утврден, главно, од истите тие држави. Па, според тоа, логично би било тие да се почитуваат. Ама не се почитуваат. Затоа имаме стотици илјади жртви во воени конфликти насекаде во светот и потрошени неброени суми за оружје. А истовремено илјадници деца секојдневно умираат од глад.
Доколку над политичките интереси на државите се стави малку идеализам, што, всушност, е и основата на ООН, може да се добијат фантастични резултати. Само мал дел од воените буџети да се пренасочат кон подобрување на условите за живот, зголемување на производство на енергија од чисти извори, производство на здрава храна и човештвото ќе може да се чувствува послободно и посреќно. Во тој случај, ниеден претседател на држава, како што направи Обама, нема да има обврска да се обраќа на нацијата со статистичка бројка на загинати, заблагодарувајќи им се на нивните семејства и уверувајќи ги дека знае како им е сега, но дека тие направиле патриотско дело и им помогнале на некои луѓе илјадници километри далеку од територијата ��а САД.
Во меѓувреме, светот не се смирил. Не е сега без конфликти. Нови опасности се надвиснати секојдневно. Тука е Авганистан, каде што и Македонија има трупи. Потоа Иран, како и израелско-палестинскиот конфликт. И многу други кризни жаришта. Та затоа демократската јавност треба се' почесто и насекаде да зборува токму за ова, дека е доста од конфликти и дека светската организација треба да се доведе во капацитет во наше име да го чува мирот и преку дијалози да ги решава проблемите.
Констатациите се издржани.Но наместо од нив да се извлече поука,денес живееме во време во кое тие служат за нешто друго.Имено,со ваквото гласно размислување,тие,оние кои владеат ,доаѓаат на "повикот од дивината",продожуваат уште посилно да "пресираат",оти народот така сакал.Но,има уште една полоша работа.Не само што си земаат за право (ние сме им го дале,врз основа на прочитаната ни наша мисловна мапа),да владеат уште позасилено,таквото резонирање го ставаат од поединци на контото на целиотколективитет.Одтаму,каква ЕУ какво НАТО.Силно се "слуша",нивното врескање.Одберете едно.Двете не одат заедно.Најстрашно е што тоа е и вистината.Што всушност ние бараме?!
Од: девичанецот
Датум: 04.09.2010 15:29:22
Филипе, можеби нешто нема да ти се допадне, ама бодат во очи неколку погрешни заклучоци. Ирак седум години по агресијата не е слободна земја. Слободата не му ја донесоа јенките,ниту пак нашите под наводници мировници. Ирак е сега разграбена земја. Сите реликвии се украдени. Има над милион цивилни жртви и инвалиди во таканаречените самоубиствени напади, органицирани од ЦИА.Има над два милиони раселени лица. Власта организирана од Садам, во која сепак имаше ред..тотално е растурена. Националното богатство, нафтата е контролирано од Американците. Ирак во својата демократија е вратен 100 години назад.
А всушност тоа беше и целта на американската и британската инвазија пред седум години, втемелена на лажни и режирани наоди.
Значи, потребно е Буш и Блер да бидат судени и прогласени за воени злосторници...а не слободно да се шетаат и да пишуваат мемоари.
Од: Тони
Датум: 04.09.2010 16:54:40
Сума сумарум, сега навистина Садам го нема! Го О Б Е С И Ј А (во 21. век, ЕЕЕЕЈ) твоите „демократи“! Но, исто така - СУМА СУМАРУМ бедна е нашата сегашност, а особено иднина со аналитичари, кои само констатираат состојби, свесно користејќи ПОГРЕШНИ-ЛАЖНИ „факти“: („Садам имал оружје за масовно уништување и тој го труел својот народ со биолошки отрови“!!!?), а не предлагаат решенија!!! И, човек што ги нарекува Русите, или кој било друг народ „народ што сака силна рака (значи садомазохисти!?), не заслужува да се нарекува аналитичар. Анализата треба да има цел: со неа, би требало да се дојде до изнаоѓање на најефикасни решенија за подобрувања во областа која се анализира, во овој случај - на условите за живот!!! ДОКТОРЕ НА (не знам какви) НАУКИ!!! Каде се заклучоците? Или ќе почекаме да дувне ветерот? Кој со лага се служи со лага ќе му биде пресудено!!! Според такви како тебе, веројатно е најдобро на луѓето да им се врши пресадување на мозок - по можност демократски !?
Од: Realist
Датум: 04.09.2010 16:56:39
Ако размислиш подобро, добар дел од тие силни милијарди долари и БЕА потрошени на наука и развој - индиректно. Фирмите од воената индустрија, фондовите на Пентагон кои финансираат научни проекти (ДАРПА), и др. се "двигател" на технолошкиот развој во САД, а со тоа и во целиот свет. Само како еден пример ќе го споменам Интернет, а има безброј други. Од друга страна, жртвите на војната остануваат - жртви. Медаљата има две страни.
Од: Силвестер, Сиднеј
Датум: 04.09.2010 19:37:10
Во разговор со бегалците Ирачани лесно ќе заклучите дека токму Садам е човекот кој го чувал Ирак во благосостојба. Денес после уништуванњето на таа земја никој нема ќарено освен Америка и Англија. Тоа беше и целта на театарот цели овие десет години. Неколку илјади војници...инвалиди...милион жртви...и уште не завршуваат. Па што. Не е важно. Театарот ќе продолжува со своите светски представи и во нардниве децении. Така било уште оддамна.