Рецесијата му ја загорчила „преродбата“
Во маратонскиот отчет, премиерот ги наброја и најситните проекти, но ги запостави суштинските прашања
Александра М. Митевска
На два речиси идентично долги периода - пред и по глобалната рецесија, го подели премиерот Никола Груевски четиригодишниот период од неговото доаѓање на власт. Груевски вчера во Владата се отчита за сработеното откако тој е премиер. Подолго од еден час тој набројуваше што се' е направено во изминатиот квартал, а потоа уште половина час одговараше на новинарски прашања. Во маратонското излагање, Груевски ги спомена и најситните проекти од комуналната сфера и инфраструктурата - новите канализации и локални патчиња, но, од друга страна, само ги допре суштинските, ама деликатни прашања за напредокот на државата, како името, евроатлантските интеграции, рамковниот договор и меѓуетничките односи.
Амбиентот во кој вчера говореше Груевски, беше доста поразличен од вообичаениот за досегашните прес-конференции на кои се соопштуваа новите владини проекти и достигнувања. Овој пат зад него не стоеја министри, а ја немаше ниту портокаловата позадина како симбол на „преродбата“. Иако прес-конференцијата што беше најавена за четвртокот беше закажана (па откажана) како владина, Груевски сам и' се обрати на јавноста, посочувајќи и' дека неговата Влада била транспарентна, чесна и одговорна, но не и идеална, бидејќи таква не постои.
Премиерот на крајот призна дека последните две години му биле можеби најтешките во неговата кариера, поради економската криза и проблемот со името. Сепак, тој потенцираше дека Македонија, иако била погодена од рецесијата, сепак, поминала подобро од некои многу поголеми и појаки економии. „Добрите резултати постигнати во првите две години ги прекина светската економска криза, но со владините антикризни беа намалено последиците, така што не се дозволија зголемување на даноците, кратење на пензиите и платите, отпуштања од администрацијата, попропаѓања банки, како во други земји“.
Двата периода што ги наведе Груевски, всушност, се совпаѓаат со периодите на коалицирање на ВМРО-ДПМНЕ со ДПА, па со ДУИ. Груевски ја окарактеризира само како добра соработката со ДУИ, поправајќи една новинарка, која забележа дека односите меѓу коалициските партнери биле на завидно ниво.
„Константа за оваа Влада во изминатите четири години е работата. Имавме конкретна програма со рокови и работевме на нејзино остварување. Не ветивме невозможни работи, туку работа, посветеност и одговорност. По четири години, тоа останува обврската по која се движиме и веруваме дека ќе не' доведе до вистинската цел - достоинство“, рече Груевски. Тој посочи дека најголемото достигнување во последните четири години е што се подигнало нивото на вредносните критериуми, така што секоја идна влада ќе се мерела со оваа според динамиката на работење.
Според Груевски, речиси и да не постои социјална и општествена група во Македонија што не ја почувствувала исправноста на концептот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ, почнувајќи од децата до пензионерите, од земјоделците до бизнисмените. „Каде одеа парите во минатото, зошто тогаш не се градеше, зошто не се инвестираше во образованието, здравството, зошто немаше поддршка и субвенции за земјоделието, зошто немаше компјутери во училиштата и бесплатни учебници...“, праша премиерот.
Груевски, во обраќањето, сочувствуваше со граѓаните, забележа дека многумина од нив веќе го изгубиле трпението и се' уште не почувствувале дека работите се движат кон подобро... Сепак, тој вети дека промените ќе се случат, бидејќи процесот веќе почнал во сите сфери. Според премиерот, Владата, до следните избори во 2012, ќе продолжи со политиката, која дала резултати, во очекување постигнувањата од првите две години да се повторат и подобрат. Грешките, рече тој, направени во брзањето да се надомести пропуштеното во минатото, ќе се поправат, а граѓаните, иако уморни од дваесетгодишното чекање, треба да веруваат дека Македонија има сила целосно да се исправи од ударот на транзицијата.
Спомениците го јакнеле националниот дух
Во обемниот список достигнувања што им ги читаше Груевски на новинарите се најде и проектот „Скопје 2014“, со кој, како што рече, се затворило едно поглавје на Македонија без споменици, со дозволена и делумна историја, обид за омасовување на национална неписменост и намалена самопочит.
Според Груевски, националниот дух е главниот генератор на секој успех. „Љубовта кон своето, минатото подигнале од прав и пепел многу нации. Цели 60 години речиси да немаше споменици на наши херои или историски настани. Немаше историски објект што сведочи за нашата државност во центарот на нашата престолнина“, рече тој.
Се надева на уште еден мандат
Голема е шансата повторно да ја добиеме довербата ако продолжиме да работиме со вакво темпо, фокусираност, одговорност и посветеност, оцени Груевски. Тој, како што наведе, е задоволен поради тоа што „во овие четири години немаше крупна корупциска афера зад клучните луѓе на оваа Влада“.
Груевски најави неколку клучни приоритети за наредните две години: пребродување на светската економска криза и санирање на последиците од неа, реформи во судството, реформи во јавната администрација и изнаоѓање политичко решение за спорот со Грција за името.
|