Писмо од Лондон
Чашка за релаксација
Досега се веруваше дека поранешниот премиер Тони Блер е семеен Човек, а наЈновото откритие покажува дека освен што си потпивнувал, тоЈ можел и да го поднесува алкохолот
Томислав Ивановски
ЛОНДОН - Многумина од Британците често знаат да кажат дека нема подобар начин за смирување по завршување на работниот ден, расправиите со шефот, „обврската“ да се пазари нешто за дома и занимавањето со децата, од испивањето чашка виски или вино по вечерата, и седнување пред телевизорот. Се смета дека така прават најголемиот дел од обичните луѓе, додека д-р Џон Фостер, раководител на Одделот за здравствени и социјални грижи при лондонскиот Универзитет во Гринич, тврди дека „чашката за релаксирање“ е вообичаената реакција на британската средна класа на притисокот што се создава од секојдневниот живот.
Од тоа, меѓутоа, не се имунизирани ниту оние што не влегуваат во категоријата на „обични“, политичарите, на пример, додека се во врвот на власта. Тони Блер, од сите откритија што ги направи во своите штотуку издадени мемоари, најсилно му е признанието дека и тој по завршувањето од работата, посегнувал по чашката, нешто што досега никогаш го нема споменато ниту тој ниту кој било од неговите соработници. Блер вели дека навечер пивнувал часа виски или џин со тоник, а потоа и неколку чашки вино и признава дека на тој начин го минал дозволеното, според таблиците што ги има определено државното здравство, иако тврди дека, сепак, не претерувал. „Имав своја граница (на пиење), но станав свесен дека тоа полека се претвора во поттик“, пишува поранешниот британски премиер во својата книга „Патување“.
Д-р Фостер објаснува дека девет отсто од луѓето во Велика Британија пијат речиси секој ден и тоа се обично луѓе на 45 или повеќе години. Станува индикативно, вели овој британски научник, дека пиењето дома, наместо во паб, станува се' поприфатливо, па испитувањата покажуваат дека при пивнувањето пред и по вечерата во домашна атмосфера, се консумира повеќе алкохол отколку при пиењето надвор. Во случајот на Блер, работите се малку поспецифични зашто тој не патувал од работа до дома, бидејќи с се е' случувало во кругот на Даунинг стрит 10, официјалната резиденција, канцеларија и дом на британските премиери. Неговиот поранешен советник и директор за комуникации, Алистер Кемпбел, кој и сега важи за негов најлојален сојузник, признава дека бил изненаден од она што го открива Блер за своето смирување со алкохолот. Во сите години на заедничкото работење и дружење, а тие се заедно уште од пред 1994 година и изборот за лидер на лабуристите, тој тврди дека никогаш го нема видено Блер пивнат или „под гас“.
Досега во британската јавност се веруваше дека поранешниот премиер важи за семеен човек, за кого се знае дека не пуши и не пие, а најновото откритие покажува дека освен што редовно си потпивнувал, тој можел и да го поднесува алкохолот. Во првата реакција во јавноста, не е мал бројот на оние што сметаат дека не гледаат ништо лошо во тоа, особено што го прават тоа „обичните луѓе“ и затоа што тоа воопшто не се одразувало врз неговата секојдневна работа, ангажирањето и одлучувањето во извршувањето на премиерската функција. Конечно, се верува дека на Блер не може да му се суди за ова кога се знае дека најславниот британски премиер, Винстон Черчил, победникот во Втората светска војна, не се делел од својата чашка и од вискито. Уште повеќе што тој и Блер ги немале проблемите што ги имал еден од нивните претходници на таа функција, Херберт Асквит, кој често знаел да се тетерави додека учествувал во парламентарната дебата и додека одговарал на пратеничките прашања во Долниот дом во Вестминстер. Блеровото „релаксирање“ со чашката, во секој случај, е сосема различно од зависноста на поранешниот лидер на британските либералдемократи, Чарлс Кенеди. Затоа што тој почнуваше со вискито уште од утринското влег��вање во канцеларијата, Кенеди прво ја загуби лидерската функција, а од неодамна и сопругата.
Лекарите велат дека луѓето различно реагираат на пиењето, како и дека тоа се интензивира со растот на стресот, на проблемите и тешкотиите што се земаат како причина (и оправдување) за потребата од вакво релаксирање од напорната, а во случајот на поранешниот премиер, и одговорна работа. Во својата книга, Блер посочува некои од причините што се претпоставува дека го натерале да посегне по чашката, иако ниту еден од нив не ги наведува како изговор за својата постапка. Секако, тоа е стресот и притисокот поради лошите и напрегнати односи со поранешниот близок соработник, а потоа остар политички противник, Гордон Браун. Станува збор за честите блокади во работата на владата и обидите за уценување, постојаните пазарења околу владините кадри и однесувањето на Браун како втор премиер или премиер во подготовка, како и силниот притисок врз Блер предвреме да се повлече, поради „кафеанскиот“ договор меѓу нив двајцата. За таа работа амбициозниот „чувар на парите“, Браун и неговите сојузници во лабуристичките редови и во медиумите, ја злоупотребија ирачката војна, истрагите што се водеа, самоубиството на владиниот експерт Дејвид Кели, како и измислената афера „перови за пари“, што ја поднесе благајникот на лабуристите, инаку сопруг на сегашниот в.д. лидер на лабуристите, Хариет Харман, близок сојузник на Браун. Првото полициско сослушување на еден премиер (Блер) за наводната корупција при назначувањето на членовите на Горниот дом е една таква стресна ситуација, по која тој мораше предвреме да се повлече откако беше соочен и со обид за партиски пуч на блиските сојузници на Гордон Браун.
Покрај сево ова, како што открива Блер, тој мораше во почетокот на својот прв мандат да ја спасува монархијата по смртта на народната принцеза Дијана, да нареди дури и соборување на секој авион што ќе се обиде неконтролирано да се насочи над цел во Велика Британија по терористичките напади од 11 септември 2001 година во Њујорк и во Вашингтон и најпосле да ги издржи сите реакции за воените интервенции и случувањата во БиХ, Косово, Авганистан и во Ирак. Лекарите посочуваат дека смирувајќи се навечер со пијалок, како и според признанието колку испивал, Тони Блер со пиење околу шест алкохолни единици дневно веќе може да се третира како дел од ризичната група пијачи, кај кои се можни заболувања од рак, болести на црниот дроб или добивање висок крвен притисок. За 11 отсто од Британците се знае дека толку испиваат за една недела, а не за еден ден, но д-р Рејчел Сибрук од британскиот Совет за испитување на алкохолизмот, смета дека реакциите на алкохолот се различни кај различни луѓе. Никој не верува дека Блер можел да почне да крши по домот, особено што за него и за Џон Мејџор, постојаниот персонал во Даунниг стрит 10, велат дека тие двајцата биле досега најљубезните (кон нив) премиери. Д-р Сибрук забележува дека Тони Блер, сепак, заслужува пофалби за признанието во своите мемоари дека пиењето му станало важно. Според нејзиното толкување, алкохолот навистина помага луѓето да се олабават, но веќе самото посегање по втората чашка открива дека неговиот ефект е посилен од користа што се постигнува со релаксирањето. |