Меџид Рушиди
Боза не поминува на Јадранот
Меџид Рушиди има слаткарница во Омишаљ на островот Крк и е еден од оние илјадници македонски амбасадори на убавиот збор и слаткиот вкус на Јадранското Море
Љупчо Поповски
Застанат покрај фрижидерот со дваесетина вида сладолед, Меџид Рушиди ги гледа навидум мирно гостите во неговата слаткарница „Кафе“ во питорескното гратче Омишаљ на хрватскиот остров Крк и си вели во себе: „Добро е, спасивме голем дел од сезоната“. Топлиот август го наполни островот со туристи по катастрофалните и студени јуни и јули.
„Дали поради студот во јуни, дали поради Светското првенство во фудбал или поради рецесијата, не знам веќе, ги немаше Германците и Австријците на почетокот од летото. Си рековме, отиде годината. Сега е добро, тука се Италијанците, има Чеси, Полјаци, работата оди како што треба“, вели поспокојно Меџиди.
Овој четириесет и осумгодишник од тетовското село Пирок е типичен претставник на слаткарската енклава од Македонија раштркана насекаде по Јадранот. Татко му (исто така, слаткар кој претходно работел во Пореч) го донесол во Омишаљ кога имал само две години, во 1964 година, кога туризмот го фаќаше својот залет на Јадранот. Ретко кој знае за Омишаљ во Македонија, гратче надвиснато над морето на еден гребен висок сто метри кое бдее како чувар на Кварнерскиот Залив на сите оние што сакаат по морски пат да и' се доближат на Риека. Тоа е првото гратче на островот Крк кога доаѓате од Кралјевица преку фасцинантниот Крчки мост (порано Титов мост) изграден над тесниот мореуз каде што во 49 година пред нашата ера бродовите на Помпеј ги столчија војските на Јулиј Цезар. Во начичканите куќи стари и по 200-300 години по екстремно тесните улички живеат околу 1.800 жители. Со автомобил не се влегува во него, возилата мора да се остават надвор од градот.
Дури 26 души од Македонија имаат слаткарници или пицерии на островот Крк (најголем на Јадранот), во Малинска, Башка, градот Крк, Њивице, Врбник. И речиси сите се од Пирок. „За тоа сме вистински мајстори“, задоволно вели Рушиди. Во Омишаљ тој има уште и пицерија, а и слаткарница во Њивице. Во Кварнерскиот Залив, Риека и на Истра ги има неколку стотици, а никој не го знае нивниот број на целата јадранска ривиера, подолу во Далмација, околу Дубровник и на островите. Сите тие грижливо ја негуваат убавата слика на Јадранот за луѓето од Македонија како врвни мајстори на сладоледот и слатките.
Македонскиот слаткарски занает морале да го приспособат на вкусовите, желбите и навиките на тамошните жители и туристите. „Не можам овде да продавам боза или тулумби. Никој не го сака тоа, колку нам да ни се убави. Слатките треба да го имаат европскиот вкус а не оној на ориентот“, нагласува Рушиди.
Речиси сите слаткарници и пицерии се семејни бизниси. „Оваа слаткарница ја наследив од татко ми и потоа ќе му ја оставам на синот“, вели Рушиди.
Какви се врските со Македонија? „Многу силни. Најубавите мисли ми се насочени таму, иако сум во Хрватска 46 години. Му благодарам на татко ми што завршив основно и средно училиште во Тетово. Истото тоа го направив и јас со моите две ќерки и синот. Тој овде се подготвува целосно да го води нашиот бизнис, но во исто време вонредно студира право на Државниот универзитет во Тетово. Нека има ука, слаткарницава никогаш нема да му избега“, задоволно зборува Меџид Рушиди. Двете ќерки му се мажени, едната живее во Швајцарија, другата во Загреб.
Тој има две државјанства, и хрватско и македонско. Тие го прават широк Балканец, но и го збунуваат при помислата каде припаѓа: „Не знам веќе ни сам што сум – живеам во Хрватска, а сум од Македонија“.
Најмалку еден месец во годината е резервиран за родниот Пирок. Меџид Рушиди таму има куќа, земја, таму му се сите роднини, таму се му доаѓа на своето место. „Кога ќе се пензионирам, ќе се скрасам во Пирок. Овде е убаво, ама долу ми е поубаво“.
Како е во дождливите есенски и зимски месеци на островите. „Туристите ги нема, но животот си тече. Малку побавно, но и кога дуваат бура и југо, има своја убавина. Имам куќа тука, ги знам сите жители на Омишаљ, дури и нивните пошироки фамилии, кој колку души има во Америка“.
Туристи од Македонија има на прсти да ги изброиш. „Хрватското море е скапо за Хрватите, а камоли за Македонците. Можеби ги има повеќе подолу во Далмација, но овде, на Крк, откако се распадна Југославија, ретко се среќаваат. Пред 20 години, илјада километри не беа многу, а сега се огромна дестинација. Сиромаштијата и претставата за мала држава си го направија своето“, малку нажалено вели Меџид Рушиди, еден од оние илјадници македонски амбасадори на убавиот збор и слаткиот вкус на Јадранското Море. |