Русевски отпадна и дефинитивно
Првиот македонски рекет не успеа да го премисли ни АМС, па со Белорусија ќе го замени Јотовски
Роберт Димитриевски
Предраг Русевски и официјално нема да биде дел од македонската тениска репрезентација во претстојниот натпревар со Белорусија за опстанок во Првата група од Евроафриканската зона на Дејвис купот, кој ќе се одигра од 10 до 12 јули во Минск. Ни Агенцијата за млади и спорт не успеа да го одврати од цврстата решеност овој пат да не игра поради константното недоразбирање со Македонска тениска федерација, па на селекторот Дејан Маринковиќ вчера не му преостана ништо друго освен и дефинитивно да му даде шанса на 18-годишниот Томислав Јотовски. Двајцата, заедно со Илија Мартиноски и со тренерот Владимир Андонов, вечерва патуваат за Софија, каде што в недела наутро имаат авион за главниот град на Белорусија.
„Сигурно дека ќе бидеме значително послаби отколку да играше и Пецко, но животот тече понатаму. И покрај ваквата ситуација, не сакам да патуваме за Минск како туристи, туку мораме да се обидеме да изненадиме, бидејќи, реално, во случај на пораз од Белорусија, нема што да бараме во септември во Словачка“, вели Маринковиќ.
Селекторот е принуден да ја менува тактиката градена врз настапот на Русевски, кој требаше да игра два сингла и во дубл. Во таква улога сега ќе биде Лазар Магдинчев како најискусен во споредба со Мартиноски, Грабулоски и Јотовски, иако од профи-турнирите отсуствуваше речиси една година и поради тоа испадна од АТП-листата во поединечна конкуренција. Во двојки друштво ќе му прави Грабулоски или Мартиноски, а меѓу нив двајцата ќе се бара и вториот играч во сингл.
„Се' ќе зависи од тоа дали нивни втор рекет во мечот ќе биде младиот Александар Бури или ветеранот Максим Мирњи. Првиот има играно со Јотовски во квалификациите на фјучерс во Србија минатиот месец, кога Томи се повреди и загуби. Мирњи своевремено беше 15. тенисер во светот, но подолго време не игра во сингл, концентрирајќи се на играта во двојки, каде што е 17. на АТП-листата“, додава македонскиот капитен.
Магдинчев и Хрватот Иван Церовиќ завчера по голема борба го положија оружјето во четврт-финалето во двојки на челинџерот во Риека, кој се игра на земјени терени за награден фонд од 30.000 евра. Откако со 7-6 (6) го доби првиот сет против вторите носители Оливие Шарон од Франција и Душан Карол од Чешка, кои се 293. дубл во светот, македонско-хрватската двојка вториот сет го загуби со 6-1. На крајот, во тај-брејкот по принципот кој прв до десет поени место решавачки сет, противникот славеше со 10-7. За утеха, Магдинчев и Церовиќ освоија по 13 поени за АТП-листата во двојки.
Ѕвездата на белоруската селекција Максим Мирњи, пак, играше на Вимблдон, каде што заедно со Енди Рам од Израел беа седми носители во двојки, но беа запрени во осминафиналето од шведско-австралиската комбинација Симон Аспелин и Пол Хенли. |