Ренова тврд орев во Минск
Тетовци загубија од Динамо со 2:1, но голот со кој водеа ги приближува до дуел со Тромзо во Лига Европа
Сашко Ѓ. Димовски
Четириесетина минути го демнеа противникот, половина час водеа, на петнаесет минути до крајот имаа реми големо како планина, но во последните три минути, за жал, загубија. Фудбалерите на Ренова се поразени во Минск од белорускиот состав, Динамо, со 2:1 во првиот меч од воведното елиминациско коло во новоформираната Лига Европа. На општо изненадување поведе „отпишаниот“ и прежален состав од тетовско Џепчиште со погодокот на Бесарт Ибраими во 41 минута, резултат кој беше актуелен до 71 минута кога исландскиот судија Торисон покажа на белата точка, најстрогата казна во гол ја претвори Кисљак. Конечните 2:1 беа дело на дебитантот Олег Страханович кој мечот го почна од клупата. Српскиот тренерски стручњак на клупата на Динамо Минск, Славољуб Муслин го испрати на тревникот во 58 минута, а овој му се оддолжи за довербата во 87 минута. Ја погоди мрежата на Ковачевиќ и веројатно го спаси својот тим од лавина критики во домашната јавност. Се надеваме привремено во желба тетовци да ја анулираат негативата во реваншот во Скопје на деветти јули. За елиминација на белорускиот состав и двомеч со норвешки Тромзо на тимот на Влатко Костов му е потребна минимална победа во четврток на националната арена „Филип Втори“.
Ренова покажа дека знае да игра фудбал. Барем на противникот кој со потценување му пристапи на натпреварот со македонскиот прволигаш. Тетовци демонстрираа зрелост и пред се беа одличен пример за противникот дека не се подарок од ждрепката во Нион. Како такви беа прифатени во Минск и Белорусија воопшто, но Динамо успеа да се отрезни навреме и, со освежувањата и поместувањата на Муслин во тимот, во второто полувреме го заврте резултатот. Втората, по квалитет, екипа во белорускиот шампионат далеку потешко одошто очекуваше ги доби првите 90 минути со Ренова, и' преостанува уште потешка задача да ја одбрани позитивата во возвратниот меч во Скопје за кој се очекува Костов да ги има на располагање и Гаши и Јанчевски. Со нив двајца во тимот, поддршката од своите навивачи и предноста на домашниот терен тетовци имаат реални шанси да приредат ново изненадување во Европа, налик на ланското кога ја елиминираа Риека, и го продолжат својот престој во Лига Европа за најмалку две недели.
Динамо Минск - Ренова 2:1
Полувреме: 0:1. Стадион: „Динамо“ во Минск. Гледачи: 2.643. Гл. судија: Магнус Торисон. Помошници: Јохан Гудмундсон и Аскел Гисласон (сите тројца од Исланд). Ж. картони: Пављукович (Динамо Минск), Ковачевиќ, Гафури, Али (Ренова). Стрелци: Кисљак во 72 минута од пенал и Страханович во 87 минута за Динамо Минск, Б. Ибраими во 41 минута за Ренова.
Динамо Минск: Горбунов, Веретило, Пављуковиќ, Мартиновиќ, Монтаруп, Гуренко, Чухлеј (Драгун), Кисљак, Мбанангои, Гигевич (Страханович), Гаврјушко (Лебедев). Тренер: Славољуб Муслин.
Ренова: Ковачевиќ, Статовци, И. Стојанов, Деспотовски, Мемеди, Ангеловски, Нухи, Б. Ибраими (Адеми), Емини, Исмаили (Гафури), Али (Игњатовски). Тренер: Влатко Костов.
ВАЛЕТА СЕ НАДМИНА СО КЕФВЛАВИК
Резултати од првите мечеви во воведното елиминациско коло во Лига Европа: Динамо Минск (Белорусија) - Ренова (Македонија) 2:1, Сутјеска (Црна Гора) - МТЗ Рипо (Белорусија) 1:1, Будуќност (Црна Гора) - Полонија (Полска) 0:2, Банантс (Ерменија) - Широки Брег (БиХ) 0:2, Транс Нарва (Естонија) - Рудар (Словенија) 0:3, Лахти (Финска) - Динамо Тирана (Албанија) 4:1, Динабург (Летонија) - Номе Калју (Естонија) 2:1, Олимпи Рустави (Грузија) - Б36 Торшавн (Фарски острови) 2:0, Шимрук (Азербејџан) - Бнеи Јехуда (Израел) 0:1, Валета (Малта) - Кефлавик (Исланд) 3:0, Зимбру (Молдавија) - Окжетпес (Казахстан) 1:2, Халадаш (Унгарија) - Иртиш (Казахстан) 1:0, Спартак Трнава - Интер Баку (Азербејџан) 2:1, Славен Белупо (Хрватска) - Биркиркара (Малта) 1:0, Гревенлахер (Луксембург) - Ветра (Литванија) 0:3, Анортозис (Кипар) - Каерјенг (Луксембург) 5:0, Рандерс (Данска) - Линфилд (С. Ирска) 4:0, НСИ (Фарски острови) - Розенберг (Норвешка) 0:3, Слиго (Р. Ирска) - Влазнија (Албанија) 1:2, Фрам (Исланд) - ТНС (Велс) 2:1, Лисбурн (С. Ирска) - Жестафони (Грузија) 1:5, Хелсингборг (Шведска) - МИКА (Ерменија) 3:1, Мадервел (Шкотска) - Ланели (Велс) 0:1.
Реваншите се закажани на 9 јули. |