Аристократски старт на Тур де Франс
Со хронометарот во кнежеството Монако, денеска ќе почне најпрестижната велосипедска трка
Роберт Димитриевски
Ленс Армстронг и Марк Кевендиш се меѓу звучните имиња со надеж дека ќе осамнат на насловните страници во текот на најпрестижната велосипедска трка во светот Тур де Франс, која ќе почне денеска во Монако. Кевендиш освои четири етапи минатата година и влегува во својот трет Тур како кандидат да стане прв британски велосипедист што ќе ја облече зелената маичка наменета за најдобриот спринтер. Седумкратниот победник Армстронг, пак, ги прекина пензионерските денови за повторно да учествува во трката што го направи спортска мегаѕвезда.
Сепак, тимскиот колега на Армстронг од Астана, Алберто Контадор, е фаворит за искачување на највисокото скалило на подиумот на 26 јули во Париз. Шпанецот триумфира во 2007 година, но на неговиот нов тим лани му беше забранет настапот поради неколкуте позитивни допинг-тестови на поранешни членови на казахстанската екипа. Контадор е познат како најдобар искачувач, но драматично напредуваше на хронометар, а истовремено е единствениот меѓу конкурентите со триумф на сите три најголеми трки во светот.
Тука е и бранителот на трофејот Карлос Састре, кој сега е прва виолина на тимот Сервело тест. Претенденти за севкупна победа се и Луксембуржанецот Енди Шлек, Австралиецот Кејдел Еванс и победникот на Џиро ди Италија, Денис Менчов од Русија.
Тур де Франс 2009 ќе стартува со хронометарот низ Монако, долг 15,5 км, а вкупната должина на трката е околу 3.500 км, поделени во 21 етапа, при што освен во Франција ќе се вози и низ Шпанија, Андора, Швајцарија и Италија.
Армстронг, кој беше неприкосновен во трката од 1999 до 2005, смета дека клучно ќе биде искачувањето на Мон Венто во Прованс, прв планински финиш вклучен како претпоследна етапа во 96-годишната историја на Тур де Франс. За што подобро да се подготви за овој предизвик, тој последнава седмица пред трката ја помина тренирајќи на Алпите околу Анси, каде што на 23 јули треба да се вози потенцијално решавачкиот хронометар.
Ветеранот Армстронг (37) ја скрши клучната коска во март годинава, но учествуваше на Џиро, каде што го освои 12 место, заостанувајќи речиси 16 минути зад победникот Менчов.
„Нема да биде лесно да се победи“, признава тој. „Во декември и во јануари мислев дека ќе биде полесно, но испадна дека ќе биде потешко од што мислев, можеби поради падот, комплицираната сезона или, едноставно, поради тоа шт�� сега сум постар“.
Американецот признава и дека чувствува нервоза пред стартот на трката.
„Ја немам истата самодоверба што ја имав порано, што е природно, со оглед на четиригодишното отсуство. Доаѓам со исклучително чувство на возбуда, но в сабота попладне ќе ми биде мило што повторно сум дел од сето ова“, додава Армстронг. Тој вели дека ќе го поддржи Контадор ако Шпанецот биде во ситуација да триумфира.
„Независно од почитта кон него, кон тимот и кон правилата на велосипедизмот, би го сторил тоа со задоволство. Никој не сака да губи, но нема да постапам неодговорно. На крајот на краиштата, ќе мора да ги почитуваме наредбите на директорот на екипата“, објаснува тој.
Марк Кевендиш, пак, одлично ја почна сезоната со три етапни победи на Џиро и на Милан - Сан Ремо и се надева дека ќе стане првиот Британец што облекол маичка на Тур де Франс по Роберт Милар, кој беше крал на планините во 1987 година. Неговата првенствена цел годинава, сепак, ќе биде првпат да ја заврши трката, бидејќи смета дека шест-седум етапи би можеле повторно да го спречат во тоа. Четири од нив се уште во првата седмица, со посета на Барселона пред трката да продолжи низ Пиринеите, а другите две се во втората недела, кога возачите ќе пристигнат на Алпите.
„Досега имам две учества на Турот, а лани забележав и четири етапни победи, но не стигнав на целта во Париз“, вели тој. „Се разбира дека би било прекрасно и годинава да освојам четири етапи, но во оваа трка би бил задоволен и со една етапна победа, само да стигнам до Париз.
Кејдел Еванс (32) во последните две години завршуваше втор севкупно, па гори од желба да стане првиот Австралиец што ја освоил најпосакуваната велосипедска трка.
„Имав можност да тренирам на мој начин и подобро сум подготвен за годинашнава трка отколку лани. Не влегувам во трката за да ја импресионирам публиката, туку за да победам. Тур де Франс ми е приоритет, бидејќи тоа е единствената трка на која луѓето се сеќаваат“, порача Еванс.
Со триумфот на Џиро ди Италија, Русинот Денис Менчов се вброи меѓу најсериозните кандидати за севкупна победа и на Тур де Франс.
„Се надевам дека целосно закрепнав од напорито на Џиро“, вели 31-годишниот победник и на Вуелта во 2005 и во 2007 година. „Во форма сум, самоуверен сум, но ќе мора да почекаме и да видиме. Чувствувам дека сум меѓу четворицата до петмина возачи што можат да ја освојат трката. Секој пат кога почнувам голема трка, убеден сум дека можам да победам“.
Првата етапа од годинешната трка, долга 15,5 км, воедно е и најкуса, а најдолга ќе биде десеттата (224 км). |