Петрески: Можеме и во Ларнака

Работнички денеска патува на Кипар, каде што утре ќе му гостува на Анортозис во третото коло од квалификациите за Лига Европа
Сашко Ѓ. Димовски
„Можеме“, порача Горан Петрески, тренер на Работнички, кој денеска ќе ги поведе „романтичарите“ на пат кон Ларнака, на Кипар, каде утревечер (19 ч.) ќе му се спротивстават на домашниот Анортозис во првиот меч од третото коло во квалификациите за Лига Европа.
Македонската фудбалска експедиција патува со верба во сопствените квалитети и оптимизам дека може да рамноправно да се носи и да му парира на кипарскиот состав.
„Очекуваме Анортозис да не' нападне од првиот момент, но имаме и ние свои адути и знаеме како да се справиме. Се' ќе зависи од нас. Само да не' паднеме на притисокот“, ни изјави Петрески.
Дека ќе биде лесно никому не му паѓа на памет во Дебар Маало, а дека Работнички може знаат сите негови играчи. Противникот е фаворит, но само на хартија. Фудбалот, пак, е спорт во која фаворитите не победуваат секогаш за што сме биле сведоци многупати досега.
„Деновиве големо внимание посветивме за надминување на психолошките бариери. Постојано им велам на играчите дека фудбал се игра и таму и тука, и тука и таму се тренира. На тренинзите постојано им велев - момци и' да примиме гол, ќе дадеме два. Мора така да се размислува“, дополнува Петрески.
Анортозис оваа година го слави 100 роденден од формирањето. Најголема желба на фановите и раководството на клубот притоа е да освојат титула како најубав подарок за убавиот јубилеј. Екипата од Ларнака има прилично нов состав со многу интернационалци кои допрва треба да се вклопуваат и да создадат целина која ќе биде страв и трепет за противниците на Островот среде Медитеранот. Секако дека ќе сакаат и што повеќе да уживаат и да се присутни на европската фудбалска карта во прославата на вековната традиција. Потешко одошто мислеа го елиминираа тимот на Гагра од Грузија во претходната квалификациска фаза, сега на пат гордо испречен им стои нашиот Работнички.
„Анортозис е анализиран, Од она што можев да го видам заклучив дека силна страна на Кипраните е нападот, послаба е одбраната. Добро е што првиот меч го играме во гости. Верувам дека ќе извлечеме активен резултат во Ларнака и се надевам дека работата да ја довршиме во Скопје“, заврши Петрески. |