Тетекс, сепак, ќе игра во Прва лига
Еден од најпознатите фудбалски клубови во Македонија, Тетекс, кој има играно и во Првата лига на поранешна Југославија во сезоната 1980/81, кој десет години беше меѓу најдобрите во Втората лига, четирикратен републички првак на Македонија од 1965 до 1985 година, победник на Купот на Македонија минатата сезона, сепак, нема да згасне. Темни облаци надвиснаа над клубот од Тетово поради големите финансиски проблеми, посебно по последната измама кога Тетекс требаше да добие стабилен спонзор од Чешка, но од тоа не стана ништо. Тоа доведе до големи турбуленции во вториот тетовски прволигаш, кој можеше да има катастрофални последици за судбината на „штофарите“, кои преку ноќ се најдоа во речиси безизлезна ситуација и малку требаше за да се откажат од натпреварувањето во Прва лига. Сепак, во последен момент, раководните луѓе на Тетекс, кои се препуштени сами на себе да се грижат за клубот, не дозволија Тетекс да ја напушти лигата.
„Ќе продолжиме да играме во Прва лига, без оглед на многуте проблеми со кои се судираме“, потврди претседателот на клубот Стеван Алампиевски. „Мораме да ги спасиме честа и достоинството на Тетекс и на градот Тетово, бидејќи каква било поинаква одлука да донесевме, ќе беше лоша. Вака, се надеваме дека, сепак, ќе испливаме од тешкотиите. Веруваме дека и градот ќе најде сили да ни помогне. Вратите на сите добронамерни се отворени во клубот. Секоја помош, макар и минимална, е добредојдена“.
Што ќе стане со играчите што потпишаа договори, а сега нема пари да бидат исплатени? Кој ќе биде тренер по заминувањето на Љупчо Марковски, го прашавме Алампиевски.
„Нов тренер ќе биде Илија Јовановски, кому ќе му помагаат Стојмир Урошевиќ и Зоран Штерјовски. Од играчите што потпишаа нови договори последниве денови си заминаа голманот Марко Јовановски во Шкендија, потоа Милан Ристовски, Горан Наумовски и Бурхан Алиу, а исписница доби и Душко Трајчевски, но верувам дека тој ќе се врати и ќе игра за Тетекс. Оние што порано заминаа, веќе потпишаа за други клубови. Имаме и повеќе млади играчи, добар подмладок, од кој поголемиот дел ќе го префрлиме во првиот тим. Мораме да потпишеме професионални договори со 12 фудбалери. Верувам дека ќе успееме во тоа до петок, кога е последниот рок“, објаснува претседателот на „текстилците“. „Ќе ја замолиме Агенцијата за млади и спорт да ни дозволи користење на нивниот терен во Тетово со извесен надоместок, за да можеме на него да тренираме, дури и да ги играме натпреварите, бидејќи има рефлектори, се' додека клубот не застане на цврсти нозе“.
На Тетекс во сегашниот момент навистина му е потребна помош, бидејќи се наоѓа во незавидна финансиска ситуација, без спонзор. Сите жалат што досегашниот најголем спонзор на клубот Брацо Вујчиќ се повлече поради недоразбирања со навивачите, кои го навредувале на средбата со Вардар. (М.М.) |