Бабунски селектор за еден меч

Шефот на младата селекција ќе ги води сениорите само на пријателскиот натпревар во Азербејџан на 10 август
Миодраг Мицковиќ
Бобан Бабунски, селектор на фудбалската репрезентација на Македонија до 21 година, ќе ја води најдобрата македонска селекција на пријателскиот натпревар со Азербејџан, што ќе се одигра на 10 август во Баку. Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Хари Хаџи-Ристески, вчера разговараше со Бабунски, кој прифати да ја води репрезентацијата само на оваа средба, за која денеска ќе го објави списокот на кандидатите. Тоа мора да се направи порано заради вадењето визи за Азербејџан.
Што се однесува до прашањето кој ќе го замени Мирсад Јонуз на кормилото на репрезентацијата, тоа се' уште е отворено. Се' ќе зависи од групата во која ќе се најде Македонија во квалификациите за Светското првенство 2014 во Бразил. Тие треба да почнат во септември 2012 година, до кога ќе завршат и квалификациите за Европското првенство, кои за нашиот национален тим повеќе не се интересни, со оглед на тоа дека ги загуби сите шанси за настап на завршниот турнир во Полска и во Украина.
„Еднаш веќе изјавив, пак ќе повторам, нема потреба од брзање во изборот на нов селектор“, ни рече Хаџи-Ристески пред поаѓањето за Рио де Жанеиро, каде што првиот човек на ФФМ в сабота ќе присуствува на извлекувањето на квалификациските групи за мундијалот во Бразил. „Со најсериозните кандидати за селекторската функција ќе разговараме по ждрепката за квалификациите. Се' ќе биде познато на 3 или 4 август. Верувам дека новиот селектор ќе присуствува на пријателскиот меч со Азербејџан, за да ги види нашите можности, но нема да ја води селекцијата“.
По покана од Светската фудбалска федерација на ждрепката во Рио, покрај претседателот на ФФМ, ќе присуствуваат и потпретседателот Кенан Идризи, како и генералниот секретар Игор Климпер. Челниците на нашата федерација очекуваат Македонија да се најде во група со барем една од светските велесили Германија, Франција и Италија, со кои никогаш не сме се сретнале во квалификациите ниту за СП ниту за ЕП, а кои би биле магнет за полнење на трибините на стадионот „Филип Втори“. |