Обезбедување
Банките најмногу се крстат во осигурителните компании
Како се обезбедени централите и подружниците на македонските банки
Горан Адамовски
Обезбедување пред вратите, видеонадзор, непробојно стакло, аларм-систем, асистенција при транспорт на пари, но, сепак, банките најмногу се крстат во осигурителните компании. Таму ги осигуруваат своите пари во случај на грабеж, па затоа и не чуди што по секое разбојништво, нивниот вообичаен одговор гласи: „најважно е што нема повредени, а парите се осигурени“. Од осигурителните компании тврдат дека исплатата на штета на осигурената сума пари некогаш достигнува и до сто проценти, што зависи од тоа колкава премија плаќа банката, но, сепак, додаваат дека процентот зависи и од техничкото и физичко обезбедување на банките.
А, ретко некоја од банките во земјава сакаат да зборуваат околу безбедносниот аспект на своите централи и подружници. Кој и како ги обезбедува, дали планираат да воведат поголеми безбедносни мерки, на кој начин се грижат за своите клиенти?
„Комерцијална банка ги презема сите неопходни и законски мерки за безбедност на своите експозитури, како и сите обврски што произлегуваат од осигурувањето“, е одговорот што го добивме од Комерцијална банка. Од другите банки беа прилично молчаливи, а некаде дека „одговорниот за обезбедување не сакал да зборува“. Најрасположени за разговор беа од Охридска банка од каде што ни одговорија дека во нивните филијали е инсталиран САС (Security access system - систем за безбеден пристап), како една од клучните превентивни мерки.
„Овој систем овозможува целосна контрола при влез и излез од експозитурата на сите посетители. Отворањето е овозможено или оневозможено од вработен во банката, што дополнително штити од непредвидени активности“, велат од Охридска. Чувањето и ракувањето на готовината е системски предмет на системите за аларм и видеонадзор, додека средствата за чување се усогласени со ИСО-стандардите и препораките на осигурителната компанија.
Експозитурите во банките и нивните чести грабежи им влеаја страв во коски на граѓаните, кои во неизвесност плаќаа сметки, кредити, земаа пензии. Според неофицијалните пресметки, само во изминативе четири години биле украдени речиси три милиони евра банкарски пари.
Граѓаните коментираа дека неефикасноста на полицијата им даде храброст на арамиите среде бел ден со оружје да влетаат во објектите, да ги земат парите и на раат да побегнат. Како најкласичен пример на страв остана ланското разбојништво во Прокредит банка во центарот на Скопје кога по грабежот, разбојничката група отвори стрелба со полицијата, при што беа ранети две лица, а животот им беше во опасност на стотици граѓани. Разбојниците успеаа да побегнат во Косово.
Во МВР, пак, се децидни дека одговорноста е и во рацете на банките, кои треба да преземат мерки да ја зајакнат безбедноста на експозитурите и да ги заштитат парите. И од Комората за обезбедување лица и имот неколкупати сугерираа дека банките мора да обезбедат минимум материјално-технички услови, како што се блиндирани прозорци и врати и обезбедени шалтери од непробоен материјал.
„Потребна е механизација на сефовите, шалтерите, контролиран влез, како и во софистицираниот дел, односно техниката, видеонадзорот“, укажуваа од Комората.
Агенциите за обезбедување што склучуваат договори со банките мора да докажат дека транспортот со пари ќе го вршат со блиндирани возила, со вооружена придружба и обезбедувачи со панцири. Тие не одговараат за парите што евентуално ќе бидат цел на разбојништво, бидејќи тие и онака се осигурени од банката. Но, проблемот се пресели во филијалите на банките. Дел до банките немаат ниту обезбедување пред своите објекти, со оправдување дека „физичкото обезбедување е неисплатливо, а и доколку би го имале, би претставувало поголема опасност при грабеж, а клиентите, исто така, би б��ле вознемирени ако видат човек во униформа“.
Тие, пак, што имаат, се соочуваат со проблеми од друг вид.
„Нека ги земат парите, кои и онака се осигурени и нека заминат без да повредат некого. Ни еден живот не вреди да се ризикува и за сите пари на светот. А, нашиве животи изгледа не вредат ни пет пари. Не смееме да носиме оружје пред банките, животите не ни се осигурени, а никогаш не знаеш кога и што може да ти се случи“, велат вработени во една приватните агенции за обезбедување, задолжени за чување на банкарски филијали. Тие се плашат за своите животи, бидејќи во серијата грабежи еден обезбедувач беше убиен, а ранетите се бројат на десетици. Обезбедувачите пред и во банките се жалат дека не смеат да носат оружје. Бараат поголеми бенефиции, имајќи предвид колку ризична е нивната професија, потоа на секоја година работен стаж да им се додаваат уште три месеци, ноќниот труд да им биде платен и да бидат дополнително осигурени, а не само од агенцијата каде што се вработени.
Граѓаните, пак, единствено сакаат на раат да си ја завршат работата кога ќе влезат во банките без да мораат сомничаво да погледнуваат околу себе, стравувајќи дека некој ќе извади пиштол. |