Долгови
Тешко се излегува од вителот на презадолженоста
Потребна е голема самоконтрола при користењето на можностите за задолжување, бидејќи банките немаат милост при наплата на долгот
Мирче Јовановски
Максимално искористен лимит на кредитните картички, револвинг, потрошувачки или станбен кредит, автомобил на лизинг... Ова е најчестата равенка, која сигурно води до единствен резултат: презадолженост, односно до точката кога не може да се плаќаат навреме достасаните рати. Уште повеќе ако во меѓувреме оној што се осмелил да ја испружи ногата преку чергата, останал без работа или неговата фирма западнала во тешкотии, па секнале редовните месечни примања. А, вакви примери што се вклопуваат во Марфиевите закони, дека кога нешто може да тргне наопаку, сигурно ќе се случи, има се' повеќе во последно време кај нас. Што во таков случај, постои ли можност притисокот од кредитниот товар барем малку да се намали или барем да се добијат нови рокови на отплата?
Банките немаат милост при наплата на своите побарувања. Тие се добро заштитени со договорите што им ги нудат на клиентите, и покрај слаткоречивоста кога настапуваат кон нив нудејќи ги своите кредитни производи. „Ја прифаќав секоја промотивна кампања за кредити и за кредитни картички, располагав со толку пари што мислев дека цел град е мој“, вели еден наш сограѓанин, кој сега не може да ги тргне извршителите од врат. Должи многу, во повеќе банки, а само како пример наведува дел од долгот во една банка каде што сметката му е блокирана и за долг од 24 илјади денари, сега треба да врати 42 илјади заедно со трошоците за извршување. Другите долгови што се мерат во илјадници евра се или во судска постапка за наплата или на пат на извршување.
Секој десетти корисник на кредит се соочува со вакви или со слични проблеми. Според податоците на Народна банка на Македонија, нефункционалните кредити, односно оние што не се плаќаат 90 дена и повеќе (односно се во задоцнување од три рати), достигнаа 10,1 отсто. Тоа ги запали црвените светла и во банките, кои сега голем дел од енергијата ја насочуваат кон одржување на нивните кредитни портфолија на подносливо ниво, кое нема да го загрози нивното севкупно работење.
„Генерално, ако некој кредитокорисник е во задоцнување од 90 дена, не може да му се одобри друг кредит за отплата на постојниот“, велат банкарите. На тоа ги обврзуваат и прописите на НБМ, кои се должни да ги почитуваат сите банки. Оние, пак, што ќе се обидат да ги заобиколат, па спасот ќе го побараат во друга банка, треба да знаат дека сите должници се евидентирани во посебен регистар што им е достапен на банките, па секоја од нив има увид за секој што побарува кредит, дали е веќе задолжен некаде, колку пари должи и што е најважно, дали редовно ги плаќа ратите или, пак, е во задоцнување.
„За банките е најважно редовно да се плаќаат ратите. Тогаш најмногу им излегуваме на клиентите што сакаат да го продолжат рокот на отплата или да добијат дополнителен кредит, но и тоа се прави под одредени услови“, признаваат банкарите.
Во практика, тоа значи дека ако некој што веќе доцни со ��тплата на ратите, банките од него бараат прво да си го намири долгот, па дури потоа може да се размислува за некакво решение за преостанатиот дел од долгот. За многумина што западнале во тешкотии со отплата на кредитите, не по своја вина, туку од објективни околности или виша сила (отпуштање од работа, болест и слично), таквата опција е невозможна мисија. Сепак, банкарите оставаат зрак надеж дека во такви околности се прават напори на должникот да му овозможат да здивне извесен период, но само оние што ќе ги уверат дека имаат намера да го враќаат кредитот. Реструктуирањето на долгот, во зависност од банката, се состои во одредени поволности, како што се пониски каматни стапки, подолг рок на отплата или одреден мораториум во траење од неколку месеци кога мируваат и основниот долг и каматата или, пак, да се отплаќа само каматата, а основицата да мирува.
„За жал, некогаш се покажува дека и покрај рефинансирањето на обврските, кредитокорисникот пак не ги отплаќа ратите редовно, и во тој случај не ни преостанува ништо друго, туку да ги активираме инструментите за наплата на целиот долг“, велат банкар��те. Тие признаваат дека овие мерки се непопуларни, но потенцираат дека нивната цел не е присилна наплата, туку да им овозможат на клиентите редовно да ги плаќаат обврските. „Банките најмалку сакаат да пристапат кон реализација на обезбедувањето“, се правдаат банкарите, образложувајќи го тоа со долгите судски постапки, реализација на хипотеките, што е процес што може да трае со години.
Од друга страна, должниците имаат свои аргументи, обвинувајќи ги банките за нефлексибилност. „Каматите што ги платив по основа на користење на револвинг-кредитот, ја надминаа сумата што ми беше одобрена. Но, ниту тоа не беше доволно банката да ми излезе во пресрет. Навистина, ми понудија долгот да отплатам преку хипотекарен кредит, но преку глава ми е од хипотеки“, вели нашиот соговорник, кој има многу забелешки на разните служби и агенции, кои постојано се јавуваат кога се доцни со некоја рата. „Знаат да се јават и по четири пати во текот на денот, од разни служби, воопшто не се координирани“, вели тој, додавајќи дека сето тоа е непотребно, бидејќи банките имаат механизми да си го наплатат долгот. Тој признава дека се навлекол на кредитите со многуте поволности што му ги нуделе на почеток банките за да го примамат како клиент, но кога стигнало време за наплата, заиграле друга игра.
Меѓу банките, сепак, неофицијално постои натпревар како да ги откраднат клиентите, при што нудат низа поволности за рефинансирање на обврските. Некои од нив имаат и специјални пакети за рефинансирање, кои достигнуваат до 8.000 илјади евра во готово, и рок на отплата до седум години, или за кредит покриен со хипотека, до 50 илјади евра и отплата на 15 години. Но, банкарите не кријат дека, сепак, најмногу ги сакаат клиентите што редовно ги плаќаат обврските. За жал, таквите се' помалку ги има. |