Интервју
Кредитите ќе бидат подостапни
Срѓан Крстиќ
Кредитната политика во наредниот период ќе ја карактеризираат порелаксирани кредитни услови и позасилена кредитна поддршка на економските активности, вели претседателот на Управниот одбор на на Шпаркасе банка
Соња Маџовска
Господине Крстиќ, откако станавте прв човек на Шпаркасе банка се случи ребрендирањето - Инвест банка замина во историјата. Што значи тоа за банката?
Денес, по две години од преземањето на Инвест банка од страна на Штаермеркише Шпаркасе, ние можеме да бидеме горди што го заокружуваме процесот на трансформација. Бенефитот, пак, го осознавме уште при самото преземање од страна на Штаермеркише Шпаркасе. Имено, банката целосно се трансформираше, согласно со стандардите на Шпаркасе групацијата. Зборувам за дефинирање на деловните процеси, усвојување соодветни политики и процедури, воведување нови технологии, односно рејтинг- системи за физички и за правни лица, како и менување на досегашниот пристап на работењето, односно градење клиентски однос во работата. Во развојот и во ширењето на деловната мрежа на банката, исто така, се постави цел дека банката треба да биде присутна во сите населени места во Македонија со 20.000 жители, што ќе значи доближување на банката до клиентите и поквалитетна услуга.
Веднаш по преземањето беше усвоен и тригодишен план за развој, чија стратегија е банката да се позиционира меѓу петте најголеми банки во Македонија. Брендот Шпаркасе претставува синоним за стабилност, сигурност и традиција што опстојува скоро два века, потоа солиден и отпорен модел и на крај успешен економски концепт. По преземањето нашата матична куќа инвестираше дополнителни 70 милиони евра, што во најголема мера беа искористени за инвестиции за мали и за средни претпријатија. Новиот бренд за сите нас ќе претставува и поголема мотивација и поголема одговорност да го оправдаме правото за негово користење. Ќе продолжиме да ги финансираме профитабилните проекти, ќе нудиме иновативни продукти за нашите клиенти и ќе градиме партнерски однос од кој и двете страни ќе имаат заемен бенефит.
Граѓаните и фирмите најмногу ги интересира дали може да очекуваат полесен пристап до кредити и пониски камати. Дали до крајот на годинава може да се очекува позначајно намалување на каматите за кредитите?
Кредитната политика во наредниот период ќе ја карактеризираат порелаксирани кредитни услови и позасилена кредитна поддршка на економските активности. За тоа говори и зголемената понуда и побарувачка на кредити, намалувањето на ризиците во реалната економија, поголемиот конкурентски притисок меѓу банките за зголемување на пазарното учество, како и порастот на депозитниот потенцијал, со што севкупно се отвора простор за поактивно кредитирање. Моментно банката врши усогласување на кредитните продукти што се нудат во целата наша групација, со цел да се обезбедат подобри кредитни продукти и услови за кредитирање на своите клиенти. Се планираат нови кредитни продукти по поволни услови за инвестициско финансирање, проектно финансирање и „трејд“ финансирање.
Како главни продукти би биле инвестициските кредити за развој, обезбедувањето поддршка на стопанствениците од преработувачката индустрија, развојот на земјоделството и трговијата, за зголемување на енергетската ефикасност. Застапено ќе биде и финансирањето на помали инфраструктурни проекти во земјата, а ќе останат кредитите од програмите на ИФАД и ИПАРД. За поддршка на населението банката нуди производи со поволни услови за реализација на семејните потреби и желби, преку кредитирање за автомобили, оплодување на заштедите со атрактивни каматни стапки, купување станбен или деловен простор, производи што се во голема мера конкурентни на пазарот. Покрај сите производи, за крајот на годинава би можел да ги најавам новиот бренд на платежни картички ВИСА, конкурентниот станбен кредит со поволни каматни стапки, како и краткорочниот депозит.
Расте довербата на граѓаните во банките што се гледа од растот на заштедите. Но, иако депозитната база е основа за кредитирањето, фирмите се жалат дека тешко доаѓаат до банкарските пари. До кога ќе трае овој процес? Кога може да се очекуваат знаци на закрепнување?
Се согласувам со тоа дека расте довербата на граѓаните. Фактот за тоа се гледа во изминатите пет години кога банкарскиот сектор доживува експлозивен развиток. Довербата на граѓаните може да се потврди низ бројот на вкупните кредити, кој е зголемен четирикратно, сосема исто е зголемен и бројот на терминалите АТМ и ПОС, а бројот на вработените во банкарскиот сектор е зголемен за 50 отсто.
Трендот на зголемување на бројот на деловните единици продолжи, што значи дека се приближуваме до просекот со новите членки на ЕУ. Депозитната база од населението е стабилен и поволен извор за банката. Депозитната база постепено, но сигурно се зголемува и граѓаните ја имаат довербата во банкарскио�� систем, кој, и покрај сите удари од финансиската криза, остана стабилен и ликвиден. За жал, постојат ограничувачки фактори што не ни дозволуваат да се движиме со посакуваната динамика.
Ризиците во работењето се' уште се присутни и од тие причини банките се внимателни во изборот на проектите што ќе ги финансираат. Слична е состојбата и со кредитната поддршка на граѓаните каде што високата задолженост со краткорочни и скапи зајмувања и неможноста за навремено сервисирање влијае врз влошувањето на кредитното портфолио на банките и зголемување на резервациите за лоши пласмани.
Сепак, првите знаци на закрепнување веќе можеме да ги видиме со последните анализи што покажуваат дека дефицитот во тековната сметка, во третиот квартал е намален, а девизните резерви се пораснати. Од друга страна, пак, е забележан и благ пораст на индустриското производство во однос на претходниот квартал. Секако, во сето ова добра улога ќе има и неодамна предложениот буџет за 2011 година, во кој се гледа дека поголем дел средства во наредната година ќе биде наменет кон капитални инвестиции. Гувернерот на НБМ, исто така, во своето обраќање ги изнесе основните макроекономски показатели на третиот квартал од годината, како и проекциите за 2011 година, така што и нивните проекции за наредната година кажуваат дека е можно да се оствари економски раст од два до три отсто.
За некое видливо закрепнување на економијата, од која и граѓаните ќе видат некој пореален бенефит, потребно е значително поголем економски раст најмалку од пет до шест отсто и тоа во континуитет од три до пет години.
Своја улога во тој раст нормално треба да одиграат и македонските банки, преку позасилената кредитна активност, пред се', кредитирањето на инвестициските проекти, со подолги рокови на враќање, што од една страна ќе им овозможи на финансиски исцрпените домашни друштва да се одлучат да почнат нов инвестициски циклус, а од друга страна, пак, ќе овозможи тоа моментно задолжување да не биде оптоварување за нив, како би можеле да продолжат со тековното работење, но и истовремено инвестирање во нови и модерни технологии.
Годинава значајно е зголемен процентот на нефункционални кредити. Дали тоа е причината за строгоста при одобрувањето нови заеми? Дали тоа значи дека банките се' уште се плашат од ризични пласмани?
Сосема разбирливо е граѓаните да имаат одбивност спрема банките, во однос на нивните строги критериуми. За ова прашање би тргнал од себе. Првото прашање што би си го поставил кога ќе земам кредит е како тој кредит би го вратил. Така е и во банката, пред да дадеме позитивен одговор на секое кредитно барање се поставува прашањето што претставува основна алка во донесувањето одлука при кредитирањето, а тоа е: дали кредитот ќе биде вратен. Јас би рекол дека кај банките владее страв од ризични проекти и моментно тие потешко доаѓаат до добри проекти. Сепак, водена од својот секогаш конзервативен пристап, но истовремено без заострување во однос на критериумите, во услови на светска финансиска криза Шпаркасе банка го помогна стабилниот развој на своите клиенти, каде што нефункционалните кредити изнесуваат 5,9 отсто од вкупното портфолио, а вкупните резервации 342 милиона денари. Кредитното портфолио во 2009 година забележа раст од 27,2 отсто, а заклучно со октомври 2010 година тој раст изнесува 25,1 процент. Денес банката опслужува вкупно 95.550 клиенти, преку мрежата од 32 експозитури и 253 вработени.
Стопанствениците се жалат дека банките ги врзуваат парите за благајнички и за државни записи. Дали издавањето еврообврзница од Владата или задолжување кај ММФ ќе значи олабавување за банкарскиот сектор и за стопанството?
Во услови кога централната банка се обидува да ја одржи ликвидноста на банките на едно стабилно ниво и во ситуација во која ризиците во домашната економија се високи, сосема е логично банките добар дел од своите ликвидни средства, поради задоволувањето на тие ликвидносни индикатори поставени од страна на НБМ, да чуваат во краткорочни пласмани, односно во благајнички записи и во државни хартии од вредност. Меѓутоа, тоа не значи дека доколку не би постоеле ваквите инструменти на пазарот, банките веднаш тие пари би ги пренасочиле во кредитна активност, од проста причина што станува збор за краткорочни извори од кои не може да се финансира развивањето долгорочни проекти. Релаксирањето на монетарната политика преку олабавувањето на ликвидносните критериуми и индикатори од страна на НБМ ќе доведе до тоа да се ослободи з��ачителен дел од задолжителната резерва што банките ја чуваат во централната банка, и тогаш се очекува дека дел од тие средства дел би биле пренасочени во кредитна активност. Мое мислење е дека добар дел од банките, барем оние што се главни носители на кредитната активност, и без тоа имаат сосема доволно расположливи средства за кредитирање, и тоа не е главна причина зошто кредитната активност е сериозно намалена во споредба со претходните години, кога условите во економијата беа многу постабилни. |