Европски кредити
Бугарите и Романците земаат најскапи кредити во ЕУ
Букурешт - Бугарите и Романците земаат највисоки кредити во земјите од ЕУ што се' уште не ја прифатиле заедничката европска валута, пишува романскиот весник „Евениментул зилеј“.
Дури и во понудите со промотивни камати, валидни за ограничен период, потрошувачките и хипотекарните кредити во Бугарија и во Романија се со многу повисоки трошоци од речиси сите други членки на Унијата.
Кредитите во евра, кои ги нудат банките во Романија, се втори најскапи кредити во земјите од ЕУ што се' уште не ја прифатиле единствената европска валута, по тие во Бугарија, објавува весникот.
Просечната ефективна годишна камата за хипотекарните кредити во евра во септември во Бугарија била 9,38 проценти, а во Романија 6,7 отсто, посочува весникот повикувајќи се на информација од централните банки.
Најевтините кредити во евра за станови, со просечна ефективна камата од 2,2 процента, биле доделувани во Данска.
Од земјите во еврозоната најевтини кредити се доделуваат во Финска - со ефективни трошоци под шест проценти за потрошувачки кредити и под 2,3 отсто за хипотекарни.
Австријците земале поскапи кредити од оние во Финска, Шпанија и во Италија. Поскапи кредити од оние на Австријците подигнувале Грците, каде што просечната ефективна камата била околу четири проценти. (МИА) |