Број 3434  среда, 17 ноември 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Банки
Вести








Site Meter

Сервиси

Е-банкарството полека ги урива традиционалните плаќања

Е-банк сервисите овозможуваат 24 часа пристап дневно до банкарски услуги, од дома или од работното место

Маја Томиќ

Македонските граѓани и фирми во последниве години се' похрабро и во поголем обем го прифаќаат електронското банкарство, кое во западните земји одамна е прераснато во традиционален начин на комуникација со банките. Од една страна, бројката на корисниците се' уште не е голема и добар дел од граѓаните преферираат плаќање на шалтер, што подразбира турканици и губење време. Ова особено е присутно кај повозрасната популација, додека помладите и бизнисмените ги прифаќаат побрзо и поедноставно е-банкарските услуги. Од друга страна, нашите банки изразуваат задоволство од фактот што се зголемува интересот за овој вид услуги кај сите корисници. Тие сметаат дека постојат многу поволности од оваа услуга, која постојано се збогатува и се проширува, според западните искуства и примери. Банките посочуваат дека за побрз развој на е-банкарството е потребно електронското плаќање да биде општо прифатено, не само од нивна страна, туку и од институциите кон кои граѓаните ги вршат плаќањата.

Какви се оцените на домашните банки за досегашниот развој на е-банкарството, колку се задоволни од досегашното темпо на интерес и што преземаат за зголемување на бројот на клиентите за овој вид услуги?

Во периодот од 2008 до 2010 година е забележано зголемување на бројот на корисниците на е-банкарството, велат од Комерцијална банка. Голем дел од клиентите, правните лица, а особено физичките, веќе ги имаат увидено предностите што ги нуди ова банкарство и значително го користат во своето секојдневно работење. Во последните две години бројот на трансакциите и прометот направен преку електронско банкарство кај правните лица забележа пораст од 26 отсто, а многу поголем пораст бележат трансакциите направени од физички лица (плаќање на јавни услуги и други трансфери) - 174 проценти. Од оваа година банката ја нуди и Интернет-услугата за трансакции од областа на девизниот платен промет. За овој период откако е внесена оваа услуга, правните лица имаат направено вкупно 1.431 трансакција во висина од 190 милиони денари.

Сепак, посочуваат од Комерцијална, останува фактот дека се' уште треба да се работи на подигнување на свеста на населението за тоа дека алтернативните канали може да се користат без никакви предрасуди, дека се максимално безбедни, без никаков ризик, а воедно се брзи, ефикасни и едноставни за употреба. Во тој контекст, Комерцијална спроведува континуирана обука на своите вработени за подобрување на комуникацијата и на ефикасноста при давањето на услугите, како и едукативни активности со цел промена на навиките на населението за помасовно користење на производите и услугите на банката.

Од НЛБ Тутунска банка велат дека прераснувањето на е-банкарството во традиција е повеќе прашање на време што е потребно за да се сменат навиките на граѓаните и да се стекне доверба во квалитетот, сигурноста и во полезноста од користењето на е-банк сервисите. Ценат дека граѓаните, генерално, ги прифаќаат измените во банкарството што се во насока на олеснување на нивниот начин на живеење, а воедно им ги намалуваат и трошоците. Е-банк сервисите им овозможуваат на луѓето постојан и целосен пристап до банкарските услуги, од дома или од работното место и истовремено им заштедуваат време и пари. На пример, трошоците за сите електронски налози извршени преку НЛБ Клик (електронско банкарство за физички лица) се за 50 отсто пониски од трошоците за хартиените налози извршени во експозитурите. Во изминатите неколку години, велат од оваа банка, забележан е драстичен пораст во бројот на новите корисници. Сепак, потенцираат дека најголем дел од граѓаните се' уште го користат електронското банкарство само за увид на своите сметки, а помал е бројот на оние што врш��т разни плаќања преку Интернет. Изразено во моментни бројки, во НЛБ Тутунска има над 40.000 корисници на е-банк услуги, од кои 18.000 го користат за плаќање и на режиски трошоци, месечни фактури по картички, останати налози и слично.

НЛБ Тутунска континуирано, од самото воведување на е-банк сервисот, организира кампањи со цел да ги запознае граѓаните со начинот и со придобивките од овие услуги. Ќе се продолжи со истиот тренд, напоредно со воведувањето нови функционалности и погодности во понудата, нагласуваат од банката. Тоа во добар дел придонесува за зголемување на бројот на корисниците. Интересот се зголемува кај физичките и кај правните лица. Во споредба со лани, за десетте месеци од годинава за 38 отсто е зголемена бројката на правни лица, а за 60 отсто кај физички лица. Инаку, учеството на бројот на електронските налози во НЛБ Тутунска кај правните лица, во однос на вкупните ПП-налози во земјата што можат да се покријат електронски, изнесува околу 40 проценти.

Со развојот на информатичката технологија и нејзината примена во Македонија се наметнуваат и други трендови, се нудат нови и подобрени услуги и клиентите слободно можат да го изберат начинот на интеракција со банката. Ова го коментираат од Стопанска банка. Потсетуваат дека од ноември годинава прва на пазарот ги претвори своите банкомати во мини- филијали со работно време од 24 часа и им понуди на клиентите-корисници на дебитни и на кредитни картички да реализираат банкарски трансакции преку банкомати, како, на пример, плаќање сметки, рати од кредити или од картички, дополнување на сметки за мобилен телефон и слично. Овие можности веднаш биле прифатени од клиентите, велат од банката, а се очекува да се зголемува бројот на корисници токму поради достапноста и едноставноста за користење на овие услуги. Истовремено, на располагање останува е-банкинг сервисот, а наскоро ќе се воведе и нов канал што дополнително ќе ја олесни интеракцијата со банката. Од Стопанска банка посочуваат дека паралелно е воведен и нов модел на организација на филијалите со кого клиентите ќе добиваат финансиски совети, препораки за управување со домашниот буџет, обука за користење на производите и на алтернативните канали и голем број други услуги.

Од Охридска банка оценуваат дека електронското банкарство зема се' поголем замав и дека се' повеќе се прифаќа од физичките и од правните лица. Оваа банка речиси цела деценија ги следи трендовите во однесувањето и навиките на корисниците. Трендот на прифаќањето на ова банкарство е нагорен, потенцираат од Охридска и додаваат дека стапката на е-банкинг корисниците расте забрзано, особено во изминатите неколку години.

„Секако, има варијации кај повозрасните групи корисници, во зависност од нивниот начин на живот и од организација на времето. На пример, кај студентите, младите брачни парови и кај луѓето што се во постојана трка со времето поради деловни или други обврски, електронското банкарство е посакуван начин на комуникација“, вели Светлана Ристеска, директорка за комуникации во Охридска банка. Додава дека банката се грижи за постојана информираност на своите клиенти што се одвива на две нивоа: индивидуална со корисниците, и институционална во банката.

„Ситуацијата со електронското банкарство е слична како и со банкоматите. Во почетокот постоеше отпор за подигнување пари од банкомат, а подоцна со експанзијата на картичките, недовербата исчезна речиси кај сите генерации“, појаснува Ристеска.

Инаку, од Охридска банка информираат од почетокот на годинава прв пат се воведе е-банкарство за физички лица и засега нема можност да се направи споредба со претходен период. Додека на крајот на октомври бројот на правните субјекти што го користат е-банкарството е поголем за 56 отсто во споредба со цела 2009 година. Охридска дополнително ги поттикнува физичките лица за користење на е-банкарството со тоа што им нуди бесплатно користење на услугата во текот на оваа промотивна година. Одговорните во Охридска ги посочуваат придобивките: неограничен пристап до сметката 24/7 од секаде во светот, до 60 отсто пониски провизии за плаќања во земјата, бесплатни интерни налози, заштеда на време и избегнување на чекање во редици пред благајна, зголемена прегледност на сметките на корисникот во секое време, трансакции во реално време и целосна контрола на парите.

Пејпал од 2011 достапен и во Македонија

Онлајн-системот за исплата Пејпал ќе биде достапен од 2011 година за граѓаните на Србија, Македонија и на Црна Гора. Според српскиот дневен весник „24 часа“, првично корисниците во овие три земји ќе бидат во можност да ја користат услугата за Интернет-шопинг, додека, пак, локалните трговци нема да бидат во можност да наплатуваат за своите услуги преку Пејпал.

Понудата подоцна ќе биде проширена, вклучувајќи и соработка со локалните банки. Пејпал им овозможува на сите бизниси или потрошувачи со електронски адреси безбедно, пријатно и рентабилно да испраќаат и да примаат онлајн-исплати.

„Нашата мрежа се темели на постојни финансиски структури на банковни сметки и кредитни картички, за да креира глобално, решенија за исплати во реално време. Врачуваме производ идеално соодветен за малите бизниси, онлајн-трговци, индивидуалци и други кои моментно се недоволно услужени од традиционалните механизми на исплата“, соопштуваат од Пејпал. (Ек.Р.)


#
Статијата е прочитана 782 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Насловна
Тачи му ги брои парите на Аџиев
Тиквешански
Ќе поевтинат ли похрабро кредитите
Директорот бил чист, Јанакиески, сепак, ќе чешла
Хотелиерството и нафтата
Тениската легенда - бигамист?
Македонија непоразена се врати од Корча
Растат штедните влогови
ОН се поправи за јазикот, и тоа двапати
Сопки за мантиите
Ѕвездите на „Гранд“ ќе парадираат на Пинк15
Во Грција има над 600.000 невработени
Бугарите и Романците земаат најскапи кредити во ЕУ
Нема сила што ќе ги избрка дивите пазарџии
Официјално свршен, свадба идната година
Кој има корист го огромните профити
Тешко се излегува од вителот на презадолженоста
Грчките студенти одново маршираат
Тројца загинати во сообраќајка кај Лозово
Кредитите ќе бидат подостапни
Карикатура
Зоофил осуден на условна затворска казна
Стил
Банките најмногу се крстат во осигурителните компании
 


Brammertz to UN: Serbia's efforts on Mladic still problematic
No starting date for Montenegro's EU accession talks
Bulgaria likely to renew euro bid in 2011