Принц Вилијам
Официјално свршен, свадба идната година
„Принцот Вилијам и неговата девојка Кејт Мидлтон се свршени и ќе се земат идната година во Лондон“ - изјавиле официјални лица од Бакингамската палата. Од канцеларијата на принцот Чарлс, наследник на тронот, официјално изјавиле дека „имаат задоволство да ја објават свршувачката на принцот Вилијам и госпоѓицата Кејт Мидлтон“.
„Двојката се свршила во октомври за време на одморот во Кенија. Тие планираат да се венчаат идната пролет или лето во Лондон“, објавиле од Кларенс хаус, канцеларијата на принцот Чарлс.
Свршеничката двојка (двајцата имаат по 28 години), се запознале пред осум години кога обајцата биле студенти на универзитетот „Сент Ендрју“ во Шкотска.
„Принцот Вилијам ги информираше кралицата и другите членови на семејството. Исто така, принцот Вилијам побара и дозвола од таткото на г-ца Мидлтон“ - стои во соопштението.
Идниот брачен пар по венчавката ќе живее во северен Велс, каде што принцот Вилијам ќе продолжи да служи во Кралската аерофлота.
Вилијам е втор во наследната линија на британскиот трон. |