Шкотски покер со голем влог

Натпреварот со Шкотска за Македонија шанса за меч-топка против Норвешка и бараж- разврска за СП
Миодраг Мицковиќ
Никогаш досега, откако се натпреварува во групи за настап на европско или на светско првенство фудбалерите на Македонија немале таква убава шанса со победа против Шкотска, а потоа со освоен бод на средбата со Норвешка да го освојат второто место во својата група и да играат бараж за настап на светското првенство во Јужна Африка следната година.
Токму затоа може слободно да се каже дека утрешната средба со Шкотска во Глазгов е една од најзначајните што досега ги одиграла нашата најдобра селекција. Влогот е навистина голем, како за нашите фудбалери, исто така и за Шкотланѓаните, бидејќи во случај на пораз поправен испит тешко дека ќе има без оглед што и двете репрезентации ги очекува уште по една тешка средба: Македонија на гостувањето во Осло на средбата со Норвешка, Шкотланѓаните на гостувањето против Холандија. Но, во овој момент никој и не размислува за тие натпревари, сите погледи се насочени кон утрешниот меч во Глазгов, натпревар да се биде или не за двете репрезентации во овие квалификации.
Нервозата пред решавачкиот натпревар е присутна кај играчите на двете репрезентации. Се храбрат со изјави дека ќе победат, но свесни се дека тоа ќе биде тежок и жесток, неизвесен дуел без оглед што Шкотите се наоѓаат на 30. место на најновата ранг-листа на ФИФА, а Македонија многу подолу на 56.. Разликата е навистина голема, но тоа не значи дека ќе биде решавачка.
„Никој не ја гледа ранг-листата на ФИФА, најважно е како ние ќе играме во Глазгов и каква игра ќе прикажеме“, беа зборовите на Игор Митревски, кој ќе има тешка задача заедно со Седлоски да ги сопре високите и корпулентни напаѓачи на Шкотска. Шкотите беа исто така далеку пред нас на листата на ФИФа пред нашиот прв меч во Скопје, но сепак, ние победивме., Зашто да не го направиме тоа и овој пат. Подготвени сме и психички и многу подобро физички отколку што тоа беше пред натпреварот со Шпанија. Веќе имаме по две-три првенствени средби во нозете, тоа сепак, многу значи пред вака решавачки дуел“, резонира Митревски.
И додека Мирсад Јонуз на располагање ги има сите играчи што ги има повикано на подготовки, селекторот на Шкотска Џорџ Барли има проблеми. Не може да смета на браќата Гери и Стивен Колдвел. Првиот има два жолти картони и не може да настапи, Стивен е повреден и дефинитивно отпадна за мечот со Македонија. И двајцата беа клучни играчи во одбраната на Шкотска што е поволен податок за нашите напаѓачи, Пандев, Наумоски и Стојков. Нивното отсуство тие треба да го искористат.
Фудбалската репрезентација вчера попладне отпатува со специјален авион за Глазгов, синоќа во 21.30 часот имаше тренинг на стадионот „Хемпден парк“, селекторот Јонуз навести лесен тренинг и за денеска, а утре со почеток во 16 часот ќе ги стегаме палците за победа на нашата репрезентација. |