Балканскиот Џерард, како што го нарече „Скотланд он сандеј“, самоуверен во интервјуто за весникот
ЕДИНБУРГ - „На Шкотска и' треба победа. И на Македонија и' треба победа. Тоа ќе биде добар натпревар со отворена игра. Никој не посакува нерешено бидејќи Норвешка игра со Исланд во другиот меч. Ние го сакаме фудбалот и поради тоа играме отворено. Одиме во Шкотска за да победиме“, порачува „плејмејкерот“ на македонската фудбалска репрезентација Величе Шумуликоски, балканскиот Стивен Џерард.
Ова е најмногу што се доближила Македонија до пласман на големо натпреварување. Второто место не гарантира бараж за мундијалот во Јужна Африка, но е доволно привлечно само по себе за нацијата што се осамостои од поранешна Југославија во 1991 година. Двете претстојни средби со Шоктска и со Норвешка се еден вид виза за западот за најдобрите македонски фудбалери.
„Имаме добра техника, играчите се добри со топката, но некогаш ви е потребно нешто повеќе од техника. Мора да се борите за победата. Ние сме мала држава и ако оствариме добар резултат народот ќе биде горд. Ќе сториме се' што можеме за да му го приредиме тоа задоволство. Се' додека имаме шанса, нема да се предадеме. Никогаш. Ќе се бориме до последната минута“, ветува стружанецот кому ова ќе му биде 59. средба во националниот дрес.
Шумуликоски гледа се' што ќе најде од фудбал на телевизија и ја познава шкотската сцена. Неговиот тимски колега од Престон, Калум Дејвидсон, играше против Норвешка минатиот месец. Ги издвојува Дарен Флечер, Шон Мелоуни и Џејмс Мекфаден, но играчот што најмногу го цени ќе недостига на „Хемпден“, како што го немаше ни во Скопје пред 12 месеци. Тогаш повредениот Бери Фергусон сега е казнет.
„Тоа е добро за нас“, вели Величе. „Јас мислам дека тој е најдобар фудбалер во Шкотска. Ќе беше многу потешко за Македонија ако играше и тој, а посебно за мене. Тој е брилијантен играч. Прима топка, борбен е, додава, прави се'. Не играше во првиот меч и ние победивме. Можеби повторно ќе победиме“.
Македонија го промени селекторот оттогаш. Среќко Катанец поднесе оставка во април, наводно поради судир со Горан Пандев, по што беше заменет со селекторот на репрезентацијата до 21 година, Мирсад Јонуз.
„Во првите неколку дена фудбалерите беа разочарани. Тој си замина на четири меча до крајот од квалификациите. Но, освоивме четири бода од следните две средби, па можеби смената беше добра. Новиот селектор има поинакви амбиции“, коментира Шумуликоски.
Македонија секако дека може да одигра добро. Исландскиот селектор Олафур Стефанесон ја опиша како најнадарена репрезентација во деветтата група по Холандија. Играат со тројца напаѓачи, што може да придонесе за вистински спектакл на „Хемпден“, каде што и двете селекции ќе гризаат за победа.
Татко му на Шумуликоски се надева дека ќе се најде на „Хемпден“ в сабота, ако добие виза. Човекот кому синот му купи ресторан на брегот на Охридско Езеро за никогаш да не биде без работа помина тежок пат со семејството по раѓањето на новата држава. Уште неколку чекори и тие ќе бидат во Јужна Африка. (Скотланд он сандеј)
Величе игра во Англија го познава фудбалот,а и дел од играчите иако поголем дел настапуваат во само 2 клуба се надевам дека ќе победиме со кратки проигрувања и со 1-2 влезови како против Шпанија ги добиваме сигурно