Томас Мустер во борба со годините
Некогашниот тениски рекет број еден со 43 години одлучи да му се врати на професионалниот тенис
Што му требаше? Зошто тениска легенда да игра во својата 43 година од животот!? Зошто една многу успешна тениска приказна од минатото да се претвори во мачно продолжение низ тениските арени по прекин од цели од 11 години.
Приближно вака изгледаат поставените прашања и дилеми на светската тениска јавност по неверојатната одлука на некогашниот тениски рекет број еден, легендарниот Австриец Томас Мустер, да му се врати на професионалниот тенис. Можеби Кимико Дате Крум е провокација и инспирација за австрискиот левучар.
Имено, Јапонката покажа дека врвен тенис може да се игра и на четириесет години. Таа дотурка до финалето на ВТА-турнирот во Осака и малку недостасуваше да стане најстарата победничка на ВТА-турнир во историјата (И натаму најстара останува Американката Били Џејн Кинг која победи во Бирмингем во 1983 година со 39 години и седум месеци). А, тој турнир во кој триумфираше 33-годишната Танасугарн од Тајланд беше најстаро финале во историјата на ВТА-турнирите.
Томас Мустер досега одигра 6 меча на челинџерите и победи само еднаш. Го совлада младиот Словенец Борут Пуц, син на некогашниот ракометар Исток Пуц. Но, и покрај не баш сјајните партии Мустер доби „вајлд карта“ и можност да заигра на АТП-турнир во Виена (загуби во 1. коло од својот сонародник Андреас Хајдер Маер со 6:2 и 7:6). Пред почетокот на турнирот Мустер за австриските медиуми изјави дека сега луѓето веројатно се прашуваат што сака сега оваа стара будала!?. А, Матс Виландер во шала додаде дека и двајцата знаат дека Мустер е малку луд.
Но, Томас Мустер отсекогаш бил борец. Не го поколеба ниту повредата на коленото која ја заработи во бизарен автомобилска инцидент на паркингот во 1989 година за време на турнирот во Ки Бискејн. Се врати на терените по само шест месеци пауза и стана „крал на земјините терени“. Во ерата на Пит Сампрас и на Андре Агаси се промовираше во тениски рекет број еден. Тогаш за него беше конструирано и специјално столче на кое седеше за време на паузите меѓу гемовите, а кое не го оптоваруваше неговото повредено колено.
„Морате да го послушате кога е на терен, звучи како булдог кој ја џвака вашата нога и на сака да престане без оглед на се'“, изјави Пит Сампрас во далечната 1996 година. По простувањето од тенисот Мустер се пресели во Австралија, се ожени со бившата телевизиска новинарка Џо Бет Тејлор и му се посвети на семејниот живот, но по раѓањето на синот бракот пукна по што се врати во Австрија. Живее во Лајбниц со втората жена и новородената ќерка.
Неодамнешната победа против Пуц го врати на АТП-листата на скромното 982. место. Неговиот бивш менаџер Рони Лајтгиб е шокиран од одлуката Мустер да му се врати на тенисот.
„Искрено речено, не ги разбирам причините за враќањето, затоа што и да освои некои од челинџерите, а нема да биде лесно, сигурно дека тоа нема да му биде напишано на надгробниот споменик покрај 44. АТП-титули“, беше груб Лајтгиб.
Самиот Томас Мустер пак, вели дека целта му е да се предизвика сам себе и да се врати во вистинската форма, додека Лајтгиб е дури загрижен и за неговата здравствена состојба.
„Одеднаш престана да пуши, многу ослабе, од 90 килограми падна на 76, тежина што ја имаше на 22 години, а тренира под големи напори, и сето тоа во краток рок. Не верувам дека е тоа добро да се практикува на 43 години. Лично за мене оваа одлука е многу разочарувачка, затоа што постојат многу други начини да се биде во близина на тенисот. Може да биде селектор на Дејвис куп репрезентацијата, може да игра на турнирите на ветераните, да тренира млади категории. Значи вие имате опции. На крајот, мислам дека овде станува збор за неговото его.
Секако дека егото, особено во спортот, е тоа што те турка до крајни граници. Неспорно дека тоа его и менталниот склоп на Томас Мустер како и неговиот натпреварувачки дух на времето го дотуркаа до тенискиот врв. Колку во овој момент одлуката на Мустер да изгледа илузорна и однапред загубена битка со биолошките закони, сепак, таа, ако ништо друго, ќе биде вбризгување добра доза адреналин во вените на слабокрвните, далеку помлади колеги на Мустер, да се најдат на чело на патеката на слоновите. (Ф.Ш.) |