Сензација, Олимпијакос загуби од германскиот Брос баскет!
Најголемото изненадување во 2. коло на кошаркарската Евролига го приредија кошаркарите на Брос баскет, кои на свој паркет го победија Олимпијакос со 73:61. Крајно неочекувано, актуелниот европски вицепрвак падна во Германија, во натпревар во кој Грците беа во перманентен минус. Олимпијакос во последната четвртина едноставно застанаа, а Брос избега на плус десет разлика што успешно ја зачуваа до крајот на мечот за голема победа. Со 23 коша Брајан Робертс беше прво име на сензационалниот победник.
Актуелниот европски првак Барселона долго се мачеше кај Шоле и на крај победи со 84:77. Каталонците постојано имаа пријатна предност од седум до дванаесет поени, но во завршницата дозволија францускиот тим да се доближи и да се понадева дека ќе го урне големиот противник. Сепак, во влезот во последната минута Словенецот Еразем Лорбек погоди тројка за 80:73 по што умре и надежта на Французите.
Кошаркарскиот феномен во европски рамки, белградски Партизан во неизвесна завршница го совлада рускиот Химки со 72:68.
Резултати:
А група: Проком - Каха Лаборал 73:80, Партизан - Химки 72:68.
Б група: Брос баскет - Олимпијакос 73:61
Шарлерои - Виртус Рома 55:64.
Ц група: Лиетовус Ритас - Монтепаски 75:79, Шоле - Барселона 77:84.
Д група: Ефес Пилсен - Валенсија 79:63. |