Во Романија и без Бајрамоска и Е. Ѓорѓиевска
Бековите на Металург, Мирјета Бајрамоска и Елена Ѓорѓиевска, се последни на списокот откажувања во македонската ракометна репрезентација за турнирот „Трофеј Карпати“ што почнува денеска во романскиот град Дробета Турну Северин. Бајрамоска има проблеми со прстот на раката, Ѓорѓиевска со коленото, а во Скопје остана и голманката Тања Андреева поради болки во рамото. Турнирот во Романија ќе го пропуштат и интернационалките Јулија Портјанко и Драгица Кресоја од Италија, Драгана Пецевска од Црна Гора и Билјана Црвенкоска од Италија, така што селекторот Гино Стрезовски ќе дебитира на клупата без комплетната прва седморка.
Македонија на „Трофеј Карпати“ ќе стартува попладнево од 16 ч. против домаќинот Романија. Утре од 14 ч. е натпреварот со Украина, а в недела од 9,30 ч. со Полска.
Турнирот на четири нации е во функција на квалификациите за Светското првенство 2011 во Бразил. Македонија ќе игра во Драма заедно со домаќинот Грција, со Швајцарија и со Азербејџан, а во баражот ќе има место само за најдобриот. (Р.Д.)
|