Биш: МОТ секогаш се наоѓал на ветромет
МОТ почна жестоко и најавува силна програма. Она единствено што збунува е непотребната елитна конотација
Сунчица Уневска
Отворањето на јубилејното 35. издание на Младиот отворен театар помина во знакот на сонот, во знакот на бегството од реалноста, но, од друга страна, токму преку претставата на Ежен Јонеско „Кралот е мртов“, и во знакот на жестоко соочување со неа. Следејќи го сопственото мото, но и сето она што во растењето на МОТ е вградено, овој фестивал повика на произведување нови соништа, оние соништа кои се алтернатива на стварноста, оние соништа кои мотивирани од минатото, со нов ентузијазам не' носат во иднината.
На самиот почеток МОТ, онака како што и доликува на фестивал со вакво реноме и традиција, му оддаде признание на Љубиша Никодиновски – Биш, чиј придонес во профилирањето и растењето на МОТ е неизбежен. Биш стана почесен претседател на фестивалот. Би рекле и редно беше, бидејќи Биш беше негово олицетворение, во него го препознававме сето она што МОТ ни го донесе и она што МОТ ни значеше. А Биш се наврати на овој фестивал потсетувајќи не дека тој секогаш некако се наоѓал на ветромет, секогаш носел ново, но храбро и ангажирано секогаш новото и го барал. Особено задоволство за Биш, како што рече, е фактот дека годинава тој добива „Златна плакета“ заедно со Словенско младинско гледалишче, во кое МОТ заедно со него на чело умееше во овој ансамбл да ја препознае моќта и посебноста што тој ја носи во уметничкиот израз.
За почетокот на МОТ оваа година беше одбран токму еден од најавангардните автори, Ежен Јонеско, чија драма „Кралот е мртов“ излегува потполно од шемата, носејќи предизвик и провокација. Режијата ја потпишува едно од најинтересните европски имиња, Силвиу Пуркарете, а оваа претстава е направена во копродукција, во која учествува и МОТ. „Кралот е мртов“ е една чудна, силна, необична, трагикомична претстава, вознемирувачка и збунувачка. Оваа претстава оди над сетилното, за да ве втурне со сета своја силина во реалноста, онаа реалност која боли и плаши, носејќи го и соочувајќи не со неизбежното, со смртта. Што е, впрочем, смртта? Дали таа ги отвора или ги затвора вратите...
Годинешниот МОТ најавува силна програма, најавува добар избор, па дури и одредено навраќање на некое друго време, барем концепциски. Бидејќи, МОТ беше тоа, фестивал кој ги урива границите, кој не се плаши да ја заборави стварноста, фестивал кој сака да сонува и кој својата верна публика ја води на необични патувања. И оваа година тој повикува на едно такво сонување, правејќи навистина интересен избор на 11 претстави од осум земји, но вклучувајќи и дури девет македонски дела. Публиката навистина ќе има што да види и да отсонува заедно со МОТ, заедно со претставите, заедно со гостите и со целата позитивна енергија која ја носи фестивалот.
Оваа година, како што нагласи и министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска, која го прогласи фестивалот за отворен, МОТ повторно влезе во копродукција. А тоа значи дека фестивалот се повеќе испишува и нова страница создавајќи и продуцирајќи одредени претстави, кои досега само ги презентираше. Се на се, МОТ до 26 септември ќе понуди многу настани и работилници, изложби, перформанси, дружења и, се разбира, театар. Она единствено што отскокнува и што паѓа в очи, не е тоа што фестивалот стана институционализиран, бидејќи тоа е веќе од поодамна, туку тоа што се повеќе добива елитна конотација.
Многу шминка, многу тоалети, многу потреба да се биде виден, што малку збунува и изненадува. МОТ никогаш не бил или не би требало да биде тоа, иако изминатите години имаше турбуленции. Па сепак, МОТ беше и е авангардата, тој ги урива шемите, не пати од конвенции, ниту од форми. Годинава и многу непотребна театралност во говорот и најавите на водителката Арна Шијак. Но, би рекле, барем ако судиме по програмата, не е МОТ заслужен за сето тоа, туку веројатно неговото реноме, на кое на готово често се прикачуваат и оние кои се и оние кои не се вљубеници на сето она што МОТ значеше и значи. Како и да е, една необична слика. Авангардното никогаш не било популистичко, но времињата очигледно се изменети...
|