Државата гради најевтини станови
Во изградбата на евтини државни станови градежниците гледаат нелојална конкуренција
Билјана Ангеловска
По неколкугодишен застој, државата повторно се активираше во станбената градба. Почна интензивно да гради социјални станови, станови за млади брачни двојки, но и комерцијални станови и тоа по цени сосем прифатливи за истенчениот македонски буџет. И, додека за граѓаните тоа претставува шанса конечно да дојдат до сопствен покрив над главата, поголемиот дел од градежниците гледаат во тоа нелојална конкуренција.
Во ситуација на речиси тотално замрена станбена изградба од страна на големите градежни компании во земјава, излегувањето на државата на градежниот станбен пазар претставува надеж за голем дел од граѓаните конечно без страв да се впуштат во купување стан. Појавувањето на државата како инвеститор и продавач на становите ја враќа довербата кај си��е оние што не ни помислија по аферите со „Фиком“, „Конартис“, „Самарија“ да се впуштат во авантура со купување стан. Особено тоа што становите што ги гради државата имаат поволна цена, која е доста пониска од онаа што ја нудат останатите инвеститори.
Сепак, градежниците сметаат дека цените по кои државата ги продава становите се целосно нереални, бидејќи, според нив, невозможно е да се изгради стан во централно подрачје што би се продавал по цена под 800, па и 900 евра за квадрат.
„Државата треба сама да се запраша зошто големите градежни фирми немаат интерес да градат станбени објекти. Едноставно е невозможно да се натпреваруваме со неа. Градежната цена на станбениот квадрат се движи од 600 до 700 евра, а продажната од 800 до 1.500 евра, во зависност од локацијата на која е зградата и опременоста на станот. Во Скопје, станови по 700 евра за квадратен метар се продаваат во Сингелиќ, но никако во централното подрачје, а токму таму по таа цена ги продава државата“, велат во поголемите градежни фирми.
Градежниците потенцираат дека државата има право да си стави своја цена, ама и дека ниедна фирма не е толку моќна да се натпреварува со неа. Цената на станбениот квадрат е врзана со цената на материјалите, на опременоста на станот, но и на земјиштето. Според нивната математика, во просечна цена од 1.000 евра за квадрат дури 25-30 отсто отпаѓаат на расчистување на земјиштето, 5 проценти се за ДДВ, комуналиите се минимум 150 евра од квадрат, истовремено треба да се плати ревизијата, други давачки, што значи вкупно околу 500 евра уште во старт се невидливи трошоци за фирмата. Ако е крајната цена 700 или 800 евра за квадрат, колку што ги продава државата, тогаш е невозможно да се гради за 200-300 евра и да биде квалитетно, бидејќи тука треба да бидат пресметани заработувачката, давачките за лиценците и овластувањата.
„Невозможно е да се гради за продажна цена од 700 евра квадратен метар. За тие пари може да се изгради стан во карабина, но не во завршна фаза. Реална цена е од 1.000 до 1.350 евра квадрат, па и повеќе за поатрактивни локации и полуксузно опремени станови“, велат градежниците.
Факт е дека денеска луѓето имаат поголема сигурност кога гради државата. Таа полесно доаѓа до локации, ги почитува роковите, а што е најважно има и цени најприфатливи за стандардот на македонскиот граѓанин. Тоа го потврдува и последниот пример со станбениот објект што почна да го гради Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор во центарот на Скопје, во непосредна близина до Католичката црква. Становите ќе се продаваат на лицитација, и иако почетната цена на квадратот се' уште не е дефинирана, таа веројатно ќе се движи околу 800-900 евра за квадратен метар. До каде ќе расте вредноста, тешко е да се претпостави, но сигурно нема да достигне 1.300 евра, колку што би чинел квадратот доколку становите на таа локација ги гради фирма која инвестира сопствени средства.
Државата гради комерцијални станови и на улицата „Трета македонска бригада“ во Скопје и тие веќе се во продажба со почетна цена од 760 евра квадрат за становите на приземје и потпокрив до 850 евра на катовите. Засега се продадени педесетина стана и највисоката постигната цена изнесува 920 евра за квадратен метар. Во Охрид се продаваат станови со почетна цена од 800 евра квадратен метар, а во Штип и во Кавадарци веќе се продадени за 550 евра квадрат.
„Јавното претпријатие го напушти системот на плаќање на становите на рати на 15 години. Сега граѓаните со предимотни листови и преддоговор од претпријатието можат да си земат кредит од која било банка и да си купат стан. Се плаќа веднаш 40 проценти од вредноста на станот, 30 отсто се плаќаат кога објектот ќе биде во фаза на карабина и последните 30 отсто со клуч на рака. Рокот за изведба на објектите е од 15 до 18 месеци и нема отстапки“, вели Владимир Бахчовановски, директор на Јавното станбено претпријатие, и потенцира дека наскоро ќе почне реализацијата на проектот за изградба на 13 згради во Реонски центар Аеродром, три во Карпош и две во Центар во Скопје.
Тој не се согласува дека државата им е конкуренција на градежните фирми, бидејќи, како што вели, во цената на становите што ги гради претпријатието, исто така, се пресметани вредноста на земјиштето и сите останати параметри. Важно е што вредноста на квадратот претставува стартна, а не фиксна цена.
„Цената е на пазарно ниво. Пред да ја одредиме почетната вредност, во која влегуваат, нормално, и трошоците што постојат при секоја градба, правиме и анкета, односно испитување на пазарот и, притоа, се споредуваат цените во агенциите и кај фирмите. Така, формираната цена не е нешто измислено, ниту, пак, нелогично определена“, вели Бахчовановски. (Б.А.) |