Македонските фирми одат масовно во банкрот
Бројот на компаниите во стечај во шесте месеци од годинава е зголемен за 120 проценти во одн��с на истиот период лани
Маја Томиќ
Расте бројот на банкротираните фирми. Тоа го покажуваат податоците на Централниот регистар, како и на Министерството за економија. Според Централниот регистар, од јануари до крајот на јуни годинава се евидентирани 746 стечајни постапки, додека во истиот период лани таа бројка изнесувала 336. Значи, во првите шест месеци цифрата на банкротирани компании скокнала за 120 проценти. Во таа бројка на Регистарот влегуваат сите стечаи, како и постапките што се отвораат и се затвораат истовремено, појаснуваат од Министерството за економија, од каде што се водат поинакви податоци за стечаите. Имено, Економија регистрира податоци за стечајни постапки што се во тек, т.е. што се' уште траат, без разлика кога се отворени, а се водат во надлежните судови и за кои има именуван стечаен управник. Во оваа категорија не спаѓаат стечајните постапки, кои истовремено се отвораат и се затвораат.
Врз основа на овие нивни податоци, како што велат од Економија, на крајот на јуни оваа година имало 367 стечајни постапки, додека во истиот термин лани биле 336. Што значи, зголемувањето е од 9,23 отсто.
Од Економија појаснуваат дека во спроведувањето на Законот за стечај, од почетокот на 2008 година, формирана е база на податоци за повеќе елементи од областа на стечајот што редовно се ажурира со податоци, кои ги доставуваат овластените стечајни управници и надлежните судови.
Инаку, и бројот на ликвидирани компании е зголемен во однос на шесте месеци од 2009 година. Годинава имало 1.794 ликвидирани фирми, а лани биле 1.278.
Сегашните бројки, кои особено се однесуваат на малите и на средните компании што сочинуваат 90 проценти од македонската економија, се резултат на економската криза, велат стопанствениците.
„Овие податоци се апсолутно очекувани. Тие се последица на кризата. Како втора причина за зголемената неликвидност е недостигот од средства кај компаниите поради ригорозната монетарна и експанзивната фискална политика што се спроведува. Како последица на зголемениот број стечаи, секако, ќе останат без работа голем број луѓе. А, дали состојбите ќе одат на подобро, ќе покажат најновите податоци за БДП. Доколку во вториот квартал од годинава БДП биде позитивен, значи сме излегле од рецесија и економијата ќе заздрави“, вели бизнисменот Мирче Чекреџи.
Инаку, се прогнозира дека од вкупно 100 илјади фирми во земјава, околу четириесет илјади се пред непосреден банкрот, бидејќи од октомври се воведува црниот регистар како дел од проектот едношалтерскиот систем 2. Во него ќе влезат сите фирми чии сметки се блокирани 45 дена и кои со тоа автоматски ќе одат во стечај. Оваа законска новина ќе значи уште најмалку 100 илјади нови невработени, предупредуваат познавачите. Со овие законски измени, во услови на веќе блокирана сметка, основачите на фирмите ќе треба да платат 50 до 60 евра и да поведат стечајна постапка, што досега не беше практика.
Уште пред крајот на минатата година бизнисмените прогнозираа дека годинава најмалку 20.000 фирми ќе прогласат банкрот и ќе одат во стечај, бидејќи тогаш една половината од сите фирми беа со блокирани сметки поради неликвидност. Тоа за нив беше и причина што не ги исплаќаа платите и придонесите на вработените, поради што УЈП лани во ноември и во декември блокираше илјадници фирми. |