Мислења
Или не знаат право или немаат образ
Ана Павловска-Данева
Десетици судии се казнети и разрешени, отидоа јабана! Зошто? Поради грешка на Судскиот совет - гарантот на независноста на судството!
Се прашувам дали министерот за правда има претстава до кое дереџе го доведе судството во Македонија. И не само судството, ваква девалвација на правничката професија, воопшто, немало досега. Се разбира, најголемата одговорност е кај премиерот како директен наредбодавец и креатор на политиките за разнебитување на судската власт, на затворање на секоја пора на независност, која се' уште постои кај некои од судиите, на целосна доминација на Владата врз се' и врз секого.
Сепак, фактот што и самиот бил некогаш правник и претпоставувам се гордеел со својата професија, како и со функциите што ги вршел (не зборувам за министерската, таа сигурно му е ��ајголемото петно во кариерата), сметам дека требаше да го спречи министерот да се претвори во уништувач на дигнитетот, па ако сакате и на престижот што го носеше правничката професија со себе. Поради состојбите во судството, Јавното обвинителство, кај адвокатите, извршителите (за правниците вработени во јавната администрација и не зборувам), денес станува жално и тажно да се биде правник.
Да се вратам на судството. Најзначајниот орган во нашиот правосуден систем е Судскиот совет - гарантот за независност на судството околу кој гравитираат сите судии и кандидати за судии, бидејќи нивниот избор, напредување или разрешување зависат токму од овој орган. Него го сочинуваат 15 луѓе, дел судии, дел политичари (во вториве не го вбројувам само министерот за правда, туку и оние што станале по основа на политика членови на ова тело). Без оглед на начинот на кој се станува член на Судскиот совет, за очекување е овие лица да бидат едни од најдобрите познавачи на правната практика или теорија во државата, да се меѓу најафирмираните правници во земјата, имињата да им се звучни, познати во стручната, па и во пошироката јавност, накратко да претставуваат неспорен авторитет. Впрочем, ако се потсетиме, во претходните состави, стариот Републички судски совет изобилуваше со такви имиња, независно дали биле блиски до некоја политичка опција или не.
Да тргнеме од претпоставка дека и сегашниот наш Судски совет во себе вклучил некои од најдобрите правници во државава. Еве, негови членови се, на пример, претседателот на Врховниот суд (највисоката судска инстанција во секоја држава), министерот за правда со огромно животно и професионално искуство зад себе, како и самиот претседател на Судскиот совет, кој е, исто така, врховен судија. Како тогаш да се објасни нивното елементарно непознавање на Уставот на земјава, како и на законите од областа на правосудството? Како, всушност, им се случи на овие великани во правото, на доајените на правната практика да испишат, донесат, па уште и да применуваат правилници за казнување и разрешување судии кои биле толку противзаконити што мораше да им ги укине Уставниот суд?
Ова е многу сериозно прашање чиј одговор Судскиот совет и' го должи на јавноста. А, можните одговори се само два, нема повеќе.
1. Судскиот совет донел и применувал незаконити правилници поради незнаење и нестручност - е првиот одговор.
2. Вториот е дека членовите на Судскиот совет свесно и тенденциозно, без трошка совест, професионална етика и морал донеле и применувале правилници со кои казнуваа и разрешуваа судии иако знаеле дека се тие незаконити.
Не знам кое од овие две зла би можело да биде „помало“? Мене и двете опции ми се ужасни и страшни. И доволни да сфатам дека во иднина од овој состав на Судскиот совет ништо подобро не може да се очекува.
Ајде сега да ги разгледаме последиците од ваквото работење. Десетици судии се казнети и разрешени врз основа на одредби кои повеќе не се дел од нашиот правен поредок. Што ќе биде со овие судии? Ништо, отидоа јабана луѓето! Зошто? Поради грешка на Судскиот совет - гарантот на независноста на судството! Поради грешка на орган што требаше да биде „елитата“ во судската фела.
За оние помалку запознатите со темните состојби во македонското правосудство: министерот за правда побара да биде разрешена судијка со значајно судиско искуство и достигнувања во професијата, почитувана меѓу колегите и останатите правници, но неподобна за актуелната политичка власт. Судскиот совет во кој членува министерот за правда, врз основа на Правилникот што си го донесоа сами, се „уфилма“ дека е суд (иако внатре има луѓе кои претходно не влегле во судска зграда) и започнаа цела истрага против судијката, изведуваа докази, испрашуваа сведоци (слично како во филмовите ама без присуство на јавност) и конечно ја прогласија судијката за „виновна“ и ја разрешија.
За среќа, во 2006 година кога е донесен Законот за Судски совет, некој претпоставил дека можеби во Судскиот совет ќе се случат работи какви што сега се случуваат (во него ќе членуваат нестручни правници или правници, чиј ум го поматиле политиката и личните интереси), па е утврдено дека одлуките за разрешување на овој орган нема да бидат правосилни ако разрешениот судија поднесе жалба за што треба конечно да се произнесе Врховниот суд. Така, сега откако се укинати правилниците на Судскиот совет, не постои правна основа на која се заснова донесената одлука, па Врховниот суд не ќе може да ја потврди, напротив, ќе биде укината одлуката за ра��решување на „непослушната и неподобна“ судијка против која министерот иницираше постапка за разрешување.
Што е епилогот од сето ова? Судиската функција е непроменлива, судијката ќе се врати во својата фотелја и таму ќе остане. Министерската е листопадна, менлива. Министерот дојде и ќе си замине. По секоја таква промена, се менуваат политики, закони, кадри. Единствено образот останува! Се разбира, кај оние што го имале!
(Авторката е професорка на Правен факултет) |