Уставен суд му ги врза рацете на Врховен
Трка со време околу одредбите содржани во спорните правилници, според кои се разрешуваат судии
Гордана Дувњак
Ќе стане ли беспредметна жалбата на скопските апелациони судии Виолета Дума и Владо Џилвиџиев до Врховниот суд по пресекувањето на Уставниот суд околу спорните правилници на Судскиот совет? Ова не му пречеше на првиот човек на правосудството, Михајло Маневски, кој си дозволи на последната прес-конференција да ја толкува необјавената одлука на Уставен суд и да ги поучи судиите да „одлучувале по закон, а не по правилниците“.
Во трката со време, во која деновиве се втурнати Уставен суд, Врховен суд и Министерството за правда, се' уште стојат отворени многу правни, но и морални дилеми. А, најголемата од нив е дали може да се одлучува за разрешувања, кои се темелат на укинати одредби од правилници, кои Уставниот суд ги прогласени за неуставни, бидејќи навлегуваат во законодавната сфера. Уште повеќе кога министерот за правда најавува дека се подготвуваат измени, со кои треба да се пополни правната празнина, бидејќи разрешувањата мора да се покријат со законски норми, а не со подзаконски акт, кој си го донеле самите членови на Советот.
Одлуката на Уставниот суд е донесена во средата и се' уште не е објавена. А, веќе за утре претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, најави формирање Жалбен совет, кој треба да одлучува за случајот „Дума - Џилвиџиев“.Ова ад-хок тело составено од судии од највисокиот суд во државата, како и од претставници од четирите апелациони суда и матичниот суд на разрешените, треба ја преиспитаа одлуката на Советот, кој разреши двајца од петтемина судии што одлучуваа во петорка за турскиот државјанин со дво��н идентитет.
Како што дознаваме, уставните судии во петокот го ставиле потписот под одлуката со која се укинуваат дваесетина одредби од двата спорни правилника на Судскиот совет, но таа се' уште не е стапена во сила. В понеделник ќе биде испратена во „Службен весник“, но сосема е неизвесно кога ќе биде објавена. Од Правилникот со кој се утврдува нестручното и несовесно вршење на судската функција се укинати одредби, кои се однесуваат на одлучувањето со мнозинство гласови на членовите на Судскиот совет. Отстранети се и деловите што му овозможуваат на Советот да прибавува докази, за условите под кои судијата треба да биде привремено отстранет од вршењето на судската функција, за начинот на кој се води постапката на расправата, за електронско доставување документи…Но, она што е најспорно, е тоа што е отстранета и одредбата од Правилникот, со која разрешениот судија има право да се жали во рок од осум дена по добивањето на решението до Жалбениот совет.
Останува да се види дали Врховниот суд ќе ја прифати играта, но и темпото што го наметна Судскиот совет во изминатиот период околу овој случај. И покрај информациите дека пред Уставниот суд се оспорени двата правилника по кои работи Судскиот совет, ова тело продолжи да разрешува под полна пареа. Целосно се оглуши и на барањата на Уставниот суд да се произнесат со мислење околу иницијативата.
Што е уште поиндикативно, истиот ден кога се одржуваше лидерска средба посветена на уставни измени за Судскиот совет, кои требаа да одат во правец на отстранување на министерот за правда од работата на ова тело, членовите на СС поведоа постапка за смена на апелационата судијка, Дума. Иако, министерот за правда е член по функција и претставник на извршната власт чие влијание треба да се амортизира и отстрани, разрешувањето на кривичарката го иницираше токму Михајло Маневски. Како што се тврди, од лични причини и анимозитет, но и заради остварување целосна контрола во второстепениот суд. (Г.Д.) |